Глобалните цени на нафтата паднаа под 100 долари за барел, а берзите пораснаа, откако САД и Иран ноќеска прифатија условно двонеделно примирје, проследено со отворање на Ормускиот Теснец, низ кој минуваат 20% од светскиот извоз на нафта.
Цената на суровата нафта брент падна за 13%, на 94,80 долари за барел, додека нафтата што се тргуваше во САД беше поевтина за 15% и чинеше 95,75 долари за барел.
Сепак, цените на нафтата останаа повисоки во однос на периодот пред почетокот на американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари, кога изнесуваа околу 70 долари за барел.
Откако Доналд Трамп објави дека ги суспендирал нападите врз Иран на две недели, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи кажа дека Иран ќе се согласи на прекин на огнот доколку запрат нападите врз Иран.
„Во период од две недели ќе биде можно безбедно минување низ Ормускиот Теснец. Ова ќе се случи во координација со вооружените сили на Иран и со должно внимание на техничките ограничувања“, изјави Арагчи.
Трамп додаде дека САД ќе помогнат во зголемувањето на сообраќајот низ Ормускиот Теснец, кој е затворен за најголемиот број бродови од почетокот на војната. Пред таа да почне, околу 100 бродови дневно минуваа низ Теснецот.
„Додека е во сила прекин на огнот, малку е веројатно дека производството на енергенси на Блискиот Исток целосно ќе продолжи, барем додека не се создаде доверба во траен мировен договор. Исто така, можеби ќе бидат потребни месеци за повторно да се започне со производството поради штетите нанесени на енергетската инфраструктура во регионот“, изјави аналитичарот Сол Кавоник за Би-Би-Си.



