ОПШТИНА ЦЕНТАР ЌЕ ПОТРОШИ ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ЗА РЕНОВИРАЊЕ НА ЛЕНИНОВА, НЕ ЗНАЕ ДАЛИ КАФЕАНЏИИТЕ ПАК ЌЕ ГИ УЗУРПИРААТ ТРОТОАРИТЕ СО ЗАСТАКЛЕНИ ТЕРАСИ

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ЌЕ ПОТРОШИ ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ЗА РЕНОВИРАЊЕ НА ЛЕНИНОВА, НЕ ЗНАЕ ДАЛИ КАФЕАНЏИИТЕ ПАК ЌЕ ГИ УЗУРПИРААТ ТРОТОАРИТЕ СО ЗАСТАКЛЕНИ ТЕРАСИОд Општина Центар велат дека Град Скопје дава одобренија за користење урбана опрема. (Фото: СДК.МК)

    Општина Центар вчера почна со реконструкција на улицата Ленинова во скопско Дебар Маало. Ќе се работи на потегот од булевар Партизански одреди до Министерството за земјоделие. Потегот е во должина од 600 метри, а покрај коловозот ќе се реновираат и тротоарите кои сега се узурпирани од тераси заградени со стакло.

    Реконструкцијата чини 550.000 илјади евра од унгарскиот кредит што го обезбеди Владата на Мицкоски.

    Со оглед дека се трошат народни пари, САКАМДАКАЖАМ.МК праша во Општина Центар дали ќе им дозволи на тротоарите кои сега се узурпирани со цврста градба, пак да се наместат подови и стакла од страна на кафеаните врз новите плочки што ќе бидат платени од народните пари.

    Од Општината ни рекоа дека дозволите за урбана опрема ги издава Град Скопје. Во врска со прашањето за терасите на кафулињата, Град Скопје дава одобренија за користење урбана опрема”, велат од Општина Центар.

    „Фирмите ‘Изолација’ и ‘Вардар градба’ ги изведуваат градежните активности. За обновување на овој дел од улицата Ленинова се предвидени 35 милиони денари без ДДВ, средства што ги доби Општина Центар на вториот повик од Владата.

    Дел од кафулињата не сакаа да ги отстранат терасите од тротоарите кога Општината им најави дека ќе почне со градежни работи. Им велеле на инспекторите дека вложиле пари за изградба на објекти и сега ќе треба да ги уриваат.

    Од Општина Центар тогаш најавија дека тие ќе ги уриваат импровизираните тераси ако локалите сами не го расчистат просторот кој е јавна површина. Не кажаа дали на приватните сопственици ќе им наплатат трошоци за уривањето, кои се исто така на сметка на граѓаните.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира