СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ БЕЗ РАСПРАВА ЈА УТВРДИ ОСТАВКАТА НА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА НА КОЈА Ѝ СЕ ОДЗЕМЕНИ ПРЕДМЕТИТЕ ПРОТИВ ВМРО-ДПМНЕ ЗА КОРУПЦИЈА

    СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ БЕЗ РАСПРАВА ЈА УТВРДИ ОСТАВКАТА НА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА НА КОЈА Ѝ СЕ ОДЗЕМЕНИ ПРЕДМЕТИТЕ ПРОТИВ ВМРО-ДПМНЕ ЗА КОРУПЦИЈАРистоска на втори април, во Барањето за престанок на јавнобвинителската функција кажа дека Советот нема капацитет да ги препознае софистицираните политички влијанија врз неа. (Фото: СДК.МК)

    Советот на јавни обвинители без никаква расправа денеска ја констатираше оставката на Ленче Ристоска од функцијата јавен обвинител. Ристоска на 2 април, во Барање за престанок на функцијата јавен обвинител им напиша на членовите на Советот дека не знаат да препознаат политички влијанија, а и не се храбри да кажат такво нешто.

    „Со оглед дека моето барање е конкретизирано и индивидуализирано и тоа не претставува вредносен суд или критика за вашето немање капацитет да се одважите и препознаете софистицирани форми на политички влијанија и притисоци, очекувам тоа да не биде отфрлено“, се вели во поднесокот на Ристоска за нејзина оставка.

    На 31 март, Државниот обвинител Ненад Савески кажа дека предметите „Талир 1“ за перење пари во ВМРО-ДПМНЕ и „Талир 2“ за незаконско финансирање на луксузната Бела палата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ѝ бидат одземени на Ленче Ристоска и дадени на други обвинители. На 2 април, Ристоска поднесе оставка од јавнообвинителската функција.

    По седницата, прашан да ги коментира причините за оставката на Ристоска, претседателот на Советот на јавни обвинители Башким Бесими денеска кажа дека нема да коментира, бидејќи Советот само констатира престанок на функцијата.

    „Тоа е нејзина одлука. Ние само констатираме оставка. Не коментирам изјави на колешката. Согласно законот, секој обвинител има право во секое време да поднесе барање за повлекување, ние само констатираме“, рече Бесими, кој на минатата седница беше дел од едногласниот Совет кој ја отфрли претставката на Ристоска, која се пожали од притисоци и закани од премиерот Христијан Мицкоски и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ што на прес-конференција предвиде нејзин „крај“.

    Ристоска, без оглед што судовите ги влечкаа предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, не побара и не дозволи да биде одмрзнат замрзнатиот имот од 5 милиони евра на партијата додека не завршат судењата.

    „Последните одлуки на Советот на јавни обвинители и на новиот Државен јавен обвинител многу се штети на позицијата на Јавното обвинителство и сè тоа е спротивно на сите принципи за кои се борам и се залагам низ годиниве. Ова со одземањето на предметите ‘Талир 1’ и ‘Талир 2’ беше кулминација. Веднаш штом ми кажа Обвинителот Ненад Савески дека ќе ги одземе овластувањата на обвинителите, му кажав дека за мене е неприфатливо таквото однесување и оти таквото однесување ќе значи и моја оставка од функцијата јавен обвинител“, изјави Ристоска на 2 април кога ја поднесуваше оставката до архивата на Советот на Јавни обвинители. Таа е и македонска обвинителка во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Еуроџаст / Европравда) .

    Ристоска во интервју беше наречена медиокритет од Мицкоски, а Владата го турна огласот за македонски судија во Стразбур поради високиот ранг на Ристоска на интервјуата. Потоа ѝ кажа јавно дека и да конкурира повторно, нема да го помине филтерот.

    Со тоа што Ристоска е тргната и ќе биде даден на друг обвинител, се очекува предметот за незаконската изградба на Белата палата да го забрза застарувањето.

    Пред да ѝ врши политички притисок ВМРО-ДПМНЕ, Ристоска му се спротивстави и на претходниот состав на Советот на јавни обвинители од времето на СДСМ, кој без да изнесе аргументи,не ја унапредуваше или избираше каде што се пријавуваше на јавните огласи, а за Советот кажа дека тргува со влијанија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира