Доналд Трамп повторно го нападна НАТО затоа што не ги поддржа САД во војната со Иран, откако се сретна со шефот на западната воена алијанса Марк Руте во Вашингтон.
„НАТО не беше тука кога ни требаше и нема да биде тука и кога повторно ќе ни биде потребен“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Руте го опиша состанокот како многу искрен и отворен, и покрај јасните несогласувања. Белата куќа не ги објави деталите од разговорите.
Пред средбата, Трамп ја навести можноста за излегување на САД од НАТО откако неколку членки го одбија неговото барање да помогнат во повторното отворање на Ормускиот Теснец. Запрашана за улогата на НАТО во војната против Иран, портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, изјави дека Трамп ја тестирал западната воена алијанса и таа потфрлила.
„НАТО му го сврте грбот на американскиот народ, кој ја финансира одбраната на нејзините членки“, рече Ливит.
Руте поминал повеќе од два часа во Белата куќа и се верува дека целта на посетата била да го увери Трамп дека останувањето во НАТО е во интерес на САД. Шефот на НАТО изјави за Си-Ен-Ен дека „големо мнозинство европски земји помогнале со отстапување бази, логистика и прелети“.
Запрашан дали светот е побезбеден сега отколку што беше пред војната, Руте рече „апсолутно“ и го припиша тоа на водството на Трамп во деградирањето на нуклеарните закани од Иран.
„Членките на НАТО не ја сметаат војната во Иран за нелегална и повеќето се согласија дека е важно да се деградираат нуклеарните капацитети на Иран“, кажа Руте.



