КОРУПЦИЈА ИМА ВО СЕКОЈА ВТОРА НАБАВКА ВО ЗДРАВСТВОТО, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

    КОРУПЦИЈА ИМА ВО СЕКОЈА ВТОРА НАБАВКА ВО ЗДРАВСТВОТО, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕГлавниот извор на нерегуларности во здравствените тендери е евалуацијата на понудите како фаза со највисок ризик од фаворизирање на одредени понудувачи, вели истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. (Фото: К. Попов)

    Здравствените институции неретко ги евалуираат примените понуди непрецизно и со невоедначени критериуми, избирајќи понуди кои не ги исполнуваат барањата од тендерската документација, се вели меѓудругото во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК)  за коруптивните шеми во јавните набавки во здравството воочени преку жалбите.

    Според истражувањето, во 71 отсто од жалбите на фирмите се оспорува одлуката за избор на најповолна понуда, што укажува дека главниот извор на нерегуларности во здравствените тендери е евалуацијата на понудите како фаза со највисок ризик од фаворизирање на одредени понудувачи.

    Еден од најчестите проблеми се нејаснотиите во врска со потребната документација за пуштање во промет и увоз на лекови, што создава административни пречки во тендерската постапка и го зголемува ризикот од субјективно постапување.

    Исто така, во тендерите се поставуваат несоодветни и селективно дефинирани технички критериуми или истите се менуваат во текот на постапката, со што се создаваат услови за фаворизирање на одредени фирми и се генерира корупција.

    Државната комисија за жалби по јавни набавки усвоила 42 % од жалбите поднесени од фирмите до здравствените институции, што значи дека во речиси секој втор предмет Комисијата утврдила неправилности при постапките за јавни набавки во здравството.

    Одредени здравствени институции не постапуваат по решенијата на Државната комисија за жалби, со што се нарушуваат принципите на законитост и правна сигурност и се создава сомнеж за прикриено фаворизирање.

    Процентот на обжалени тендери во здравството изнесува 1,95, што е помалку и од онака нискиот процент на жалби на сите набавки во земјата од 3 %. Ова укажува дека правната заштита не се користи како ефикасен инструмент за борба против корупцијата во набавките.

    „Релативно малиот број жалби создава состојба во која здравствените институции не се под доволен надворешен притисок да ги почитуваат законските норми, што го зголемува ризикот од пристрасно доделување договори и злоупотреба на јавните средства“, велат од ЦГК.

    Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Спречување на корупцијата во јавните набавки во здравството“, на ЦГК.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира