СРБИЈА МОЖЕ ДА ИЗГУБИ ЕВРОПСКИ СРЕДСТВА ОД 1,5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА АКО ДОБИЕ НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА СУДСКИТЕ РЕФОРМИ

    СРБИЈА МОЖЕ ДА ИЗГУБИ ЕВРОПСКИ СРЕДСТВА ОД 1,5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА АКО ДОБИЕ НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА СУДСКИТЕ РЕФОРМИСè повеќе сме загрижени за тоа што се случува во Србија, вели еврокомесарка за проширување, Марта Кос (Фото: Инстаграм)

    Србија се соочува со губење до 1,5 милијарди евра од средствата од ЕУ, додека Европската комисија размислува да го прекине финансирањето поради демократското уназадување и блиските врски на земјата со Русија, објави сајтот „Политико“. Балканската нација не е членка на ЕУ, но откако започна разговори за приклучување во 2014 година, има право на средства и грантови што ќе ѝ помогнат да ги спроведе правните реформи.

    „Сè повеќе сме загрижени за тоа што се случува во Србија. Од закони што ја поткопуваат независноста на судството, до репресии врз демонстрантите и постојаното мешање во независните медиуми. Комисијата проценува дали земјата сè уште ги исполнува условите за исплати според финансиските инструменти на ЕУ“, изјави еврокомесарка за проширување, Марта Кос, за „Политико“.

    Во последните недели, во рамките на Комисијата расте притисокот за замрзнување на парите, изјавија четворица претставници на ЕУ кои работат со земјите-кандидати. ЕУ јавно ги критикуваше судските реформи што ги протурка српскиот претседател Александар Вучиќ.

    „Уверен сум дека нема да стигнеме до суспензија на финансирањето и не се откажуваме од полноправно членство во ЕУ. Белград останува вклучен во интензивни разговори со Европската комисија“, рече Даниел Апостоловиќ, амбасадор на Србија во ЕУ и главен преговарач со блокот.

    Венецијанската комисија, правното советодавно тело при Советот на Европа, треба да даде експертско мислење за контроверзните законски измени во Србија на крајот од месецот. Тоа мислење би можело да ја поттикне Комисијата да го замрзне финансирањето за Србија, рекоа двајца претставници на ЕУ за „Политико“. Кос порача дека ќе бара од Србија „да ги усогласи своите судски закони со препораките на Венецијанската комисија“.

    „Србија јасно соопшти дека ќе ги следи препораките на Венецијанската комисија штом ќе бидат примени“, рече Апостоловиќ.

    ЕУ е најголемиот давател на финансиска поддршка за Србија и одвои повеќе од 586 милиони евра неповратни грантови од 2021 до 2024. Таа стави на располагање уште 1,5 милијарди евра, кои се условени од реформите. Според српската влада, земјата добила повеќе од седум милијарди евра од ЕУ од 2000.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира