РУСКОТО ЕМИГРАНТСКО СЕМЕЈСТВО МАЛАХОВИ СЕ ВЛОЖИЛО ВО СОЗДАВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА, НО НИКОЈ НЕ ГО ЧУВА СПОМЕНОТ НА НИВНОТО ДЕЛО, ОТКРИВА НОВАТА ИЗЛОЖБА ВО БИТОЛА

    РУСКОТО ЕМИГРАНТСКО СЕМЕЈСТВО МАЛАХОВИ СЕ ВЛОЖИЛО ВО СОЗДАВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА, НО НИКОЈ НЕ ГО ЧУВА СПОМЕНОТ НА НИВНОТО ДЕЛО, ОТКРИВА НОВАТА ИЗЛОЖБА ВО БИТОЛААлександар Малахов e основачот на геологијата во Македонија, a сопругата Светлана ја основала куклената сцена во земјава во рамките на Македонскито народен театар (МНТ). (Фото: СДК.МК)

    Рускиот инженер Александар Малахов (1906–1991), основачот на геологијата во Македонија, не ја прифатил понудата на Бугарија по Втората светска војна да му го откупат и објават неговиот научен труд „Геологија и металогенија на Вардарска Македонија“. Ги одбил, иако во времето на Информбирото и југословенско-рускиот идеолошки судир, во 1949 година заедно со семејството бил протеран од Македонија. Делото го однел во Русија и го објавил во 1960 како своја докторска дисертација. Денес таму го чува неговиот син Димитар Малахов.

    Александар, како руски емигрант, живеел 13 години во Поречието, од 1936 до 1949. Тој е дел од семејството Малахови, кое по Октомвриската револуција и Руската граѓанска војна (од 1917 до 1923) се преселило во Македонија. Петмина од нив дале значаен придонес во создавањето на македонската држава и биле основачи на одредени научни дисциплини.

    Авторки на изложбата се д-р Јасмина Дамјановска, проф. д-р Ленина Жила, Љубица Велкова и Јасминка Намичева. (Фото: СДК.МК)

    Нивниот животен пат и достигнувања беа прикажани преку изложбата „Тешкотиите ќе исчезнат, но доброто дело ќе остане – Македонската ‘робинзонијада’ на семејството бегалци Малахови“. Авторки на изложбата се д-р Јасмина Дамјановска, проф. д-р Ленина Жила, Љубица Велкова и Јасминка Намичева, а ја организираа Центарот за култура од Битола и Друштвото за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ од Скопје.

    „Во време на Информбирото биле прогласени за непожелни и непријатели на државата и покрај сè што направиле за неа. Но, нивната љубов кон Македонија ја имале до крајот на животот и ја пренеле кон своите деца. Димитри Малахов, кој живее во Русија, ја сака Македонија како мајка родена и се сеќава на неа според спомените на неговите родители. Дали некогаш некој се заинтересирал за зачувувањето на споменот на овие луѓе? Одговорот е не. Тие уште се во заборав“, рече Ленина Жила, професорка на Институтот за национална историја во Скопје.

    Александар Малахов бил и референт во АСНОМ, прв предавач на Катедрата по географија при Филозофскиот факултет, како и основач и прв директор на Геолошкиот институт. Неговата сопруга Светлана Малахова (1911–2005), ќерка на реномираниот лингвист Сергеј Карцевскиј, професор на Женевскиот универзитет, ја основала куклената сцена во Македонија во рамките на Македонскито народен театар (МНТ).

    Изложбата „Тешкотиите ќе исчезнат, но доброто дело ќе остане – Македонската ‘робинзонијада’ на семејството бегалци Малахови“ е за достигнувањата на браќата Александар, Ѓорѓи и Вјечеслав и сопругите Светлана и Маррија. (Фото: СДК.МК)

    „На 21 април 1946 година била изведбата на ‘Силјан Штркот’, првата македонска куклена претстава. Светлана била режисерка, ги направила куклите, сценографијата и ги обучила актерите за анимација. Драматизацијата е на Петре Прличко. До периодот на заминување, 1949 година, Светлана поставила пет куклени претстави“, рече Љубица Велкова од Театарот за деца и младинци.

    Ѓорѓи Малахов (1905–2005), брат на Александар, со својата технологија за сува дестилација изградил фабрика за производство на терпентин и негови деривати кај селото Брезница. Од 1949 до 1951 ја раководел лабораторијата при Министерството за шумарство, потоа Одделот за хемиска преработка на јаглен и дрво при Шумарскиот институт, а подоцна принудно ја напуштил Југославија во 1958.

    Неговата сопруга Марија Малахова (1903–1987) потекнувала од влијателни германски фамилии во Русија, студирала во Германија и Франција, учествувала на изложби во Брисел и Холандија, а работела и во Литванија и Естонија.

    „Работејќи за Етнолошкиот музеј во Скопје како сликарка, создавала збирка на слики со македонски народни носии, елементи од народна облека, традиционална архитектура и инвентар (над 300 слики), а за широката публика познат е само мал дел од нив преку објавените 40 нејзини дела во албумот ‘Македонски народни носии’. Идните генерации учеа од нејзините цртежи за народната носија и архитектура“, вели Велкова.

    Третиот брат, Вјачеслав Малахов, бил ударник на трудот и учествувал во партизанското движење како добар механичар. Бил еден од клучните луѓе кои помогнале во обновувањето на машините во фабриката во Ханриево, денешната населба Ѓорче Петров во Скопје, која произведувала хром.

    „Тие луѓе заминале од Македонија без чувство на вина. Заминале со големо разбирање за тоа што се случи и го прифатиле. Имале само една цел – да дадат максимално сè од себе во она што го работеле, без разлика дали ќе им дадат признание или не“, рекоа авторките на изложбата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира