МАЃАР НАЈАВИ ЕКСТРАДИЦИЈА НА НИКОЛА ГРУЕВСКИ, РЕЧЕ УНГАРИЈА НЕМА ДА БИДЕ ЗАСОЛНИШТЕ ЗА МЕЃУНАРОДНИ КРИМИНАЛЦИ

    МАЃАР НАЈАВИ ЕКСТРАДИЦИЈА НА НИКОЛА ГРУЕВСКИ, РЕЧЕ УНГАРИЈА НЕМА ДА БИДЕ ЗАСОЛНИШТЕ ЗА МЕЃУНАРОДНИ КРИМИНАЛЦИПоследен пат македонското Министерство за правда побарало екстрадиција за Груевски во 2019, за сите случаи за кои се водеа против него и за кои беше распишана меѓународна потерница. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, е меѓународен криминалец и не треба да биде во Унгарија, изјави унгарскиот лидер на партијата Тиса, Петер Маѓар, по убедливата победа против Виктор Орбан. На денешната прва прес-конференција која траеше над 3 часа, идниот премиер Маѓар остро ја критикуваше одлуката на владата на Орбан да им доделува азил на полските политичари Збигњев Зиобро и Марцин Романовски, кои се обвинети за злоупотреба на службената должност. Тој направи директна паралела со случајот на избеганиот експремиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Груевски, кој исто така доби заштита во Унгарија од Орбан откако во 2018 избега од Македонија за да не ја отслужи затворската казна.

    Последен пат македонското Министерство за правда побарало екстрадиција за Груевски во 2019, за сите случаи за кои се водеа против него и за кои беше распишана меѓународна потерница.

    „Па, мислам дека зборував многу јасно за ова претходно, дека предложив (Зиобро и Романовски) да не купуваат никаков мебел во Унгарија од ИКЕА, бидејќи нема да останат долго. Унгарија нема да биде засолниште за меѓународни криминалци. И тоа не важи само за нив, туку и за г-дин Никола Груевски, поранешниот северномакедонски претседател, кој исто така е осуденик. Но и тоа не е затоа што ова е праведно исто така очекуваме од другите европски земји, ако унгарски политички криминалци бегаат во други земји, да ги екстрадираат назад кај нас, во духот на европската соработка, овие потенцијални криминалци. И можам само да им предложам на г-дин Жигров и г-дин Романовски дека ако немаат што да кријат, тогаш треба да се вратат дома и да застанат пред народот — па тој беше министер за правда, значи мора да го познава полскиот правосуден систем — па треба да си го исчисти името од обвинувањата. И тоа не е моја работа. Значи, ќе најдеме начин, освен ако веќе не заминале, но ако не заминале, ќе ги екстрадираме во Полска“,  рече Маѓар во 68-та минута од прес-конференцијата одговарајќи на новинарско прашање за азилот на Зиобро и Романовски.

    Маѓар изјави дека Унгарија не смее да стане засолниште за меѓународни криминалци и нагласи дека ова се однесува не само на полските политичари, туку и на Груевски, кого го опиша како осуден криминалец. Тој додаде дека и другите европски земји треба да ги екстрадираат сите унгарски политички криминалци кои ќе се обидат да избегаат во странство, во духот на европската соработка.

    На парламентарните избори на 12 април, Фидес на Орбан претрпе убедлив пораз. Во новиот парламент со 199 места, партијата на Маѓар ќе има 138 места, Фидес 55, а прорускиот Ми Хазанк шест.

    Груевски, кој беше премиер од август 2006 до средината на јануари 2016, беше осуден во септември 2018 на две години затвор за незаконската набавка на „мерцедесот“ од 600.000 евра со пари на полицијата, во случајот „Тенк“. Упатниот акт за во затвор по изречената двегодишна затворска казна токму за „мерцедесот“, беше итната причина Груевски да избега од Македонија на 8 ноември 2018, а на 12 ноември објави дека е во Будимпешта, каде набргу доби азил од унгарските власти. Затворската казна му застаре во октомври 2024. Груевски се бара и за „Титаник“, за „Плацевите на Водно“, „Талир 1“ и „Талир 2“.

    За да избегне веројатен притвор пред судење, поранешниот полски министер Марчин Романовски, осомничен за проневера на речиси 40 милиони евра, побегна во Будимпешта, каде што во декември 2024 доби политички азил. Унгарија тогаш измени закон за да спречи апсење.

    Поранешниот полски јавен обвинител Збигњев Жиобро, кој исто така живее во Унгарија, се соочува со казна до 25 години затвор поради, меѓу другото, пренасочување средства наменети за жртви на криминал за купување шпионски софтвер, наводно за следење на неговите политички противници. Жиобро самиот објави дека непосредно пред Божик добил политички азил во Унгарија. Будимпешта го оправда тоа со тврдењето дека тој е „политички гонет“ во Полска и дека нема гаранции за фер судење поради проблемите со владеењето на правото. На 22 декември 2025, паралелно со доделувањето на азилот, унгарската влада измени дел од законот за меѓународна полициска соработка, со кој забрани извршување европски налог за апсење против лица што уживаат азил во Унгарија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира