За поранешениот премиер Никола Груевски кој како осудено лице избега за Будимпешта во 2018 каде набргу доби и азил, во моментот се активни две потерници за извршување на санкции. Опозицискиот лидер Петер Маѓар кој во неделата победи на изборите во Унгарија, вчера најави дека и македонскиот експремиер, меѓу другите избегани странски политичари што добија азил во Унгарија, ќе биде екстрадиран. И премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека ако биде екстрадиран, Груевски ќе мора да оди на издржување на затвораките казни.
- АКО СЕ ВРАТИ ГРУЕВСКИ ЌЕ ОДИ В ЗАТВОР, РЕЧЕ МИЦКОСКИ
- МАЃАР НАЈАВИ ЕКСТРАДИЦИЈА НА НИКОЛА ГРУЕВСКИ, РЕЧЕ УНГАРИЈА НЕМА ДА БИДЕ ЗАСОЛНИШТЕ ЗА МЕЃУНАРОДНИ КРИМИНАЛЦИ
Потерниците за Груевски се по пресуди познати како: „Насилство во Центар“, со пресуда К.бр. 1904/16, за која е оформен предмет за извршување на затворска казна КУИКП 1094/21, во траење од 1 година и 6 месеци, чие извршување застарува на 10.09.2027; како и предметот познат како „Плацеви на Водно“, со пресуда КОК 63/21, за кој е оформен предмет за извршување на затворска казна КУИКП 732/23, со единствена казна затвор од 9 години, чие извршување застарува на 14.02.2043 година, ни изјавија од Основниот кривичен суд Скопје.
„Со оглед дека за истиот предмет е изречена и парична казна која не е наплатена, истата е заменета со казна затвор во траење од 180 дена, чие извршување застарува на 14.02.2027 година. Во однос на предметот познат како „Тенк“, со пресуда КОК 59/17, за кој е оформен предмет за извршување на казна затвор во траење од 2 години (КУИКП 1807/18), ја известуваме јавноста дека извршувањето на казната е застарено на 16.10.2024 година, поради исполнување на роковите утврдени со Кривичниот законик. Имено со оваа пресуда Н. Г. е огласен за виновен за сторено кривично дело Примање награда за против законито влијние од чл. 359 ст.2 од КЗ и осуден на казна затвор во траење од 2 години, која пресуда е правосилна од 4.10.2018 година. Апсолутна застареност за извршување на оваа пресуда согласно одредбите од чл. 109 и чл. 111 од КЗ, настапила на 04.10.2024 година. Поради тоа, судот по службена должност донел решение за апсолутна застареност на извршувањето на санкцијата. Дополнително, активни се и предмети во кои на истото лице му се суди во отсуство, со оглед дека не е достапно за органите на прогонот, и тоа предметите познати во јавноста како ‘Титаник’ и ‘Талир 2’, рече денеска портпаролот на Основниот кривичен суд Скопје, Дејан Николовски.
Од Министерството за правда денеска соопштија дека за Груевски досега е поднесено едно барање за екстрадиција на 20.11.2018, како и дополнување на барањето во јуни 2019. Екстрадицијата беше побарана за сите предмети за кои постоеја сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите случаи за кои е распишана потерница.
„Република Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 05.08.2019 година, со образложение дека на Никола Груевски му е одобрен азил, согласно нивното законодавство, кое не дозволува предавање на лице кое ужива таков статус на државата од која избегало. Министерството за правда континуирано го следи случајот и ги презема сите мерки согласно закон да ги обезбеди потребните документи. Во текот на утрешниот ден ќе биде доставено барање до надлежните судски органи и обвинителства и ќе се побараат потребните списи за сите предмети поврзани со лицето Никола Груевски. Откако од надлежните органи ќе ги добиеме потребните документи, Министерството за правда ќе постапи согласно позитивните законски прописи“, вели Министерството.
С. К. ДЕЛЕВСКА



