ПРВА СЕНЗОРНА СОБА СО ПЛАТФОРМА ЗА ДЕФЕКТОЛОШКИ И ЛОГОПЕДСКИ ТРЕТМАН ОТВОРЕНА ВО ГРАДИНКА ВО ВЕЛЕС

    ПРВА СЕНЗОРНА СОБА СО ПЛАТФОРМА ЗА ДЕФЕКТОЛОШКИ И ЛОГОПЕДСКИ ТРЕТМАН ОТВОРЕНА ВО ГРАДИНКА ВО ВЕЛЕСОва е првата градинка во Македонија која располага со ВојсТојс (VoiceToys), оригинална и иновативна платформа за сензомоторичка стимулација и развој на гласот, говорот и слухот. (Фото: СДК.МК)

    Клонот на градинката „Димче Мирчев“, „Објект 6“, кај Градскиот пазар во Велес доби сензорна соба за децата со попречености. Таа е опремена со разновидни сензорни, светлечки и тактилни реквизити и помагала. Новата сензорна соба е од особено значење за дефектолошка и логопедска пракса и специјални третмани за децата на кои им е потребна дополнителна поддршка.

    „Новата сензорна соба е надоградување и реновирање на претходната соба за сензорна интеграција. Всушност, сега претставува склоп од сензорна интеграција и снузелна соба и има терапевтска намена и смирувачки ефекти“, кажа Ефтимија Карбева-Лукарова, дефектолог во градинката.

    Средствата за опремување се обезбедени од блок-дотации на градинката во вредност од 650.413 денари (околу 10.500 евра).

    Според раководството на Општинска јавна установа детска градинка (ОЈУДГ) „Димче Мирчев“, ова е првата градинка во Македонија која располага со ВојсТојс (VoiceToys), оригинална и иновативна платформа за сензомоторичка стимулација и развој на гласот, говорот и слухот.

    „Сетот ВојсТојс претставува иновативен и современ уред во дефектолошкиот и логопедскиот третман. Се користи за сензомоторна стимулација и развој на глас, говор, слух, внимание, концентрација и когнитивни способности“, вели  Карбева-Лукарова.

    Ова е трет клон од градинките во Велес кој добива сензорна соба, во 2024 во градинката „Детелинки 3“ беше донација од Амбасадата на Кина,, а во 2016 централната соба беше опремена од Мировниот корпус на САД и Швајцарската амбасада.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира