СО ВАСЕ БЕВМЕ СТРАВ И ТРЕПЕТ ВО ЈУГОСЛОВЕНСКОТО ПРВЕНСТВО, СЕ РАСПЛАКА ДАРКО ПАНЧЕВ НА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА ЗА ВАСИЛ РИНГОВ

    СО ВАСЕ БЕВМЕ СТРАВ И ТРЕПЕТ ВО ЈУГОСЛОВЕНСКОТО ПРВЕНСТВО, СЕ РАСПЛАКА ДАРКО ПАНЧЕВ НА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА ЗА ВАСИЛ РИНГОВДарко Панчев со синот на Васил Рингов, Марио, на промоцијата на книгата „Фудбал во сенка“ од авторот Срѓан Ивановиќ (Фото: К. Попов)

    Дарко Панчев се расплака на промоцијата на биографската книга посветена на легендарниот фудбалер Васил Рингов „Фудбал под сенка“, чиј автор е новинарот Срѓан Ивановиќ.

    Панчев сподели приказни за Рингов кој почина на 23 декември во 2025, и рече дека тој бил лидер на две генерации во ФК „Вардар“.

    „Со вирус сум цела недела, но за Васе ако треба и со една нога ќе дојдев на ваков настан. Сакам само да кажам една многу битна работа за нас како генерација помлади, сепак е Васе од мене 10 години постар, колку беше големо неговото значење во ‘Вардар’. Тој опфати две генерации, една постара, и потоа продолжи да игра и со нас помладите кои се вклучивме по пет-шест години. И многу е битно дека тој беше лидер во двете генерации. Беше исклучително интелигентен, паметен и забавен. За играчките способности не се зборува, феноменален играч. Васе, јас и Горде Здравков кој исто е тука, како напаѓачка тројка напред бевме најефикасни во тоа Југословенско првенство една година. И навистина бевме страв и трепет, и беше големо задоволство да се игра со него. За неговите човечки врлини, синот Марио и фамилијата знаат повеќе, но и ние многу добро го знаеме и навистина беше топ човек. Нѐ изненади сѐ ова што се случи пред некој месец“, рече фудбалаката легенда низ солзи.

    Авторот Срѓан Ивановиќ со уредничката на книгата Бисера Бендевска и Марио Рингов, синот на Васил Рингов (Фото: К.Попов)

    Авторот Срѓан Ивановиќ кажа дека Рингов кој учествувал во создавањето на книгата која е напишана во прво лице, не сакал тоа да биде класична биографија со сувопарни податоци за натпревари и голови.

    „Тој сакаше да го пренесеме духот на едно време, неговите патувања, пријателствата, па дури и неговите патишта низ животот. Честопати знаеше да каже дека фудбалот му овозможил да го види светот, но дека луѓето што ги запознал по пат се неговото најголемо богатство. Работевме полека, со многу емоции, и верувајте, имаше моменти кога со часови само се смеевме на неговите анегдоти. Книгата е напишана во прво лице токму за да се зачува тој негов специфичен глас и начин на раскажување. Се надевам дека читателите ќе го почувствуваат тоа додека ја листаат секоја страница. Се среќаваме некаде и со часови тој раскажуваше, јас запишував и снимав. Имам една снимка во компјутерот која е долга седум и пол часа“, рече Ивановиќ.

    Уредничката Бисера Бендевска кажа дека е голема штета што Рингов не е присутен на промоцијата за да го слушнеме како зборува со неговиот познат струмички акцент. Бендевска спомена дека насловот на книгата „Фудбал под сенка“ има двојно значење. Рингов многу сакал да игра фудбал под сенка од дрвја, а како човек бил ненаметлив, па и покрај сите негови успеси сакал да делува како човек од сенка. Авторот Ивановиќ рече дека насловот го смислил познатиот спортски новинар Тони Зографски, на една нивна средба заедно со колегата Милорад Стојмановски, долгогодишен спортски новинар. Идејата да се напише книгата била на Стојмановски, на една заедничка средба со Ивановиќ и Рингов.

    Синот и сопругата на Васил Рингов (Фото: К.Попов)

    „Во книгата најмалку се зборува за фудбалот. Фудбалот е во центарот на вниманието, но тој велеше: ’Не сакам да пишуваме за головите, бидејќи тие ги има на Јутјуб. Не сакам да зборуваме колку победи сум имал, тоа го има на Википедија. Сакам да зборувам за животот‘. И навистина зборувавме за животот. Неговиот живот е една таква една трилер приказна, толку интересно и забавно, што мене ми беше многу лесно да го составам текстот. Тоа што најмногу ме импресионираше е една негова реченица додека седевме, и тој вели: ’Мене фудбалот многу не ми интересираше. Јас не го сакав премногу. Јас се занимавав со фудбал бидејќи тоа добро знаев да го работам. А, да знаев добро да свирам, јас ќе бев свирач, ќе бев музичар‘. Така што за жал загубивме многу голем човек“, додаде Ивановиќ.

    На промоцијата зборуваше и синот на легендарниот фудбалер, Марио Рингов.

    „Иако не успеа да ја види финалната верзија, знам дека би бил многу горд на ова што го направивме. Татко ми беше човек кој секогаш велеше дека фудбалот му е работа, но семејството и пријателите му се животот. Тој не беше само фудбалска легенда, туку и наш херој, човек со огромно срце и ведар дух кој знаеше како да нè насмее дури и во најтешките моменти. Се надевам дека преку оваа книга ќе успеете да го запознаете Васе онака како што ние го знаевме, како човек кој го сакаше животот, ја сакаше музиката и ги сакаше луѓето. Ви благодарам уште еднаш што дојдовте да го споделиме овој момент заедно“, рече Марио Рингов.

    Дарко Панчев со сопругата, поп-пејачката Маја Гроздановска-Панчева и ќерката Марија (Фото: К.Попов)

    На промоцијата дојде и Стојмир Урошевиќ – Цоле, легендарен фудбалер на ФК „Тетекс“, и на семејството Рингови им подари дрес од клубот каде што Рингов играше во 1970-тите.

    Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина-публикации“.

    М. ЏАРОВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира