„СТРАВ И НАДЕЖ“ Е ПРЕТСТАВА ЗА ЛУЃЕ КОИ СЕ БОРАТ СО СТРАВОТ, НО ВЕРУВААТ ДЕКА НАДЕЖТА ПОСЛЕДНА УМИРА, ВЕЛАТ АКТЕРИТЕ ЗА ПРЕМИЕРАТА ВО МНТ

    „СТРАВ И НАДЕЖ“ Е ПРЕТСТАВА ЗА ЛУЃЕ КОИ СЕ БОРАТ СО СТРАВОТ, НО ВЕРУВААТ ДЕКА НАДЕЖТА ПОСЛЕДНА УМИРА, ВЕЛАТ АКТЕРИТЕ ЗА ПРЕМИЕРАТА ВО МНТНаталија Теодосиева, Дарја Ризова, Татјана Мандиќ-Ригонат, Никола Кимовски, Тања Кочовска, Нела Павловска и Сашко Коцев на денешната прес-конференција во МНТ (Фото: К. Попов)

    Претставата „Страв и надеж“ од германскиот драмски автор Франц Ксавер-Крец, во режија на Татјана Мандиќ-Ригонат од Белград ќе се има премиера на 22 април во Македонскиот народен театар (МНТ). Играат Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиевска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

    „Овој писател е жив класик. Покрај Бертолт Брехт, тоа е најизведуваниот писател на германското говорно подрачје. Покрај тоа што пишувал драми, тој е една живописна личност. Во текот на животот се бавел со најразновидни работи: бил возач, бил ѕидар, бил негувател, бил сè и сешто, а паралелно со драмското пишување го развивал и својот уметнички израз. Така што, нема ништо што тој напишал, а да не го глумел додека го пишувал. Во претставата има црн хумор. Зборува за човекот, осамениот поединец или брачната двојка, или некој кој би сакал да биде сакан, или некој кој веќе сака, но во таа љубов влегува криза поради стравот од отпуштање, губење на работата,“, рече режисерката Мандиќ-Ригонат на денешната прес-конференција во МНТ на која беше и дел од актерската екипа.

    Режисерка на претставата е Татјана Мандиќ-Ригонат од Белград (Фото: К.Попов)

    „Тања е тип на режисерка која на многу смирен и итар начин успеа да извлече многу работи од нас. А сето тоа беше со една смиреност, една насмевка, што за нас глумците многу значи. Текстот е напишан толку органски, толку вистинито. Ние секојдневно се соочуваме со тие проблеми и со тие стравови. Меѓутоа, има еден убав збор, надеж, а надежта последна умира. Јас во претставата играм во две сцени. Едната сцена е со Тони Михајловски, втората ми е со Микиќ во која играме пензионери. Веќе сме пред пензија и немаше што да играме друго“, рече Тања Кочовска и раскажа случка за едно нејзино патување во Холандија кога при посета на музеј слушнала како пензионери се караат каде да одат на одмор, во земја каде што имаат најмногу пензионерско осигурување.

    „Некои работи се различни, ние сме различен менталитет, различна етничка припадност, меѓутоа проблемите и стравот се секаде исти“, додаде Кочовска.

    ​„Во претставата играм во неколку сцени и секоја од нив е приказна за себе. Тоа се луѓе што ги гледаме на улица, луѓе што ги среќаваме во продавница, наши соседи. Луѓе кои се борат со сопствените демони, со стравот за егзистенција, со неможноста да се остварат во овој суров систем во којшто живееме. Како што кажа и режисерката, ова не е само приказна за Германија, ова е приказна за сите нас“, рече Сашко Коцев и додаде досега не работел со режисер како Мандиќ-Ригонат.

    „За мене најлош режисер е оној којшто прави работна атмосфера во којашто ти се плашиш да згрешиш и всушност ти не заминуваш никаде, не правиш ништо повеќе од тоа што си“, рече Коцев.

    Младата актерка Нела Павловска кажа дека ѝ чест што работи со оваа актерска екипа, а овие проби за неа биле бесплатен занает.

    „Во оваа претстава играм студентка, која што бев до пред некое време, а истото што го живеев до пред некое време, а и сега, меѓутоа зборувам кога малку бев помлада и побесна. И сè она што во текстот го има, во мојот лик, сè она што сум го кажала или можеби нешто и останало што сакам да кажам на глас, што сакам да викнам на глас“, рече Павловска.

    ​„Ова се мали, понижени, експлоатирани луѓе коишто се жртви на општествениот систем и тој систем ги доведува до ненормално лудило. Играта се базира на инстинктивна, динамична, брза актерска игра, на граница на апсурд. Баш типична за луѓе коишто се преполни со стравови и нивната неможност и немоќ да се соочат со стравот или барем на некаков си начин да го артикулираат“, рече актерката Дарја Ризова.

    Режисерката Мандиќ-Ригонат додаде дека во МНТ ќе се одржи регионалната премиера. Претставата досега не игрла во ниту еден град во поранешна Југославија.

    „Јас сум една година во овој театар и морам да кажам дека имаше една мала криза, креативна и психолошка, моја лична криза дали направив грешка што дојдов овде. Меѓутоа, верувајте ми, со овој процес сфатив дека подобра одлука не сум можела да донесам, како и многу одлуки во мојот живот. Секогаш треба да си го слушаме срцето, интуицијата. Отсекогаш сум сакала да работам со овие луѓе. И ми се случија баш сите во еден проект“, рече актерката Наталија Теодосиева која во претставата игра три лика.

    Директорот на МНТ Никола Кимовски рече дека му е чест што работи со Мандиќ-Ригонат и се надева оти оваа не е нивна последба соработка. Режисерката кажа дека актерската екипа е волшебна и оти уште на првата проба ја пречекале подготвени.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира