Поранешниот претседател Румен Радев ќе може самостојно да формира влада по неколку години политичка нестабилност во Бугарија откако неговата партија Прогресивна Бугарија убедливо победи на вчерашните парламентарни избори. Тоа беа осми избори во Бугарија за период од пет години, но во изминатите случаи владите опстојуваа кратко.
По 100% пребројани гласови, 62-годишниот Радев има освоено 44,7% гласови, додека на второто место се проби коалицијата ГЕРБ-СДС на бившиот премиер Бојко Борисов со 13,4%. Коалицијата „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“ собра 12,8% гласови, а прагот за влез во парламентот го надмина само уште Движењето за права и слободи (7,1%).
Според последните проценки, партијата на Радев ќе има 135 пратеници и ќе може сама да формира влада, што е прв таков случај во Бугарија од 1997 година. Радев, сепак, не отфрла можност за коалиција со некоја проевропска група или помала партија. На него исто така ќе му треба поддршка од „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“ за да се донесе клучен закон со кој ќе се стави крај на политичкиот притисок врз судството, за што е потребно двотретинско мнозинство.
По девет години како претседател. Радев поднесе оставка во јануари за да формира своја партија. Важи за прагматичен и по малку проруски лидер, кој ги критикуваше европските санкции за Русија и повика на подобрување на односите со Кремљ. Тој исто така се противеше на бугарската воена поддршка за Украина. Бугарија е важен снабдувач на Украина со муниција и експлозиви, што ги извезува преку трети земји, па аналитичарите сметаат дека тој ќе бара компромиси, место судири со европските лидери.
„Радев веројатно нема да ја попречува поддршката на ЕУ за Украина. Неговиот пристап ќе биде прагматичен, повеќе како на словачкиот премиер Фицо, отколку оној на Орбан. Не сите негови поддржувачи се проруски, што значи дека тој ќе бара среден терен и ќе го претстави како одбрана на националниот интерес, како што се евтини енергетски ресурси за да се помогне на економијата“, рече Филип Гунев, аналитичар за безбедност и поранешен заменик-министер за внатрешни работи на Бугарија.
Сепак, предизборната кампања на Радев беше заснована главно на домашни политики, ветувајќи дека ќе се бори против корупцијата и ќе врати стабилна влада по години слаби коалиции.



