Гордана Дувњак, новинарка и уредничка со над 35-годишна кариера, почина денеска на 61 година по долго боледување, потврди семејството. Дувњак беше една од најреномираните професионалци со особен придонес во политичкото и правосудното новинарство.
Дипломка на Факултетот за новинарство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Дувњак е дел од генерацијата новинари која професионалниот успон го почна на почетокот на посткомунистичката транзиција и осамостојувањето на македонската држава.
По две години како почетник во Македонска радио-телевизија, од 1991-1999 работи во весникот „Нова Македонија“ каде се гради како политичка новинарка. Од 1999–2017 работи како новинарка и уредничка во „Утрински весник“, профилирана како квалитетна аналитичарка на правосудниот систем и авторка на серија интервјуа со најзначајните личности од современиот општествено-политичи живот. По овој ангажман две години работи работи во Макфакс, а од 2019 во „Фокус“.
Од 2023 стана портпаролка на Судскиот совет.
Беше долгогодишна членка на Здружението на новинарите (ЗНМ) каде членувала и во Советот на честа.
„Како долгогодишен член на ЗНМ и поранешен член на Советот на честа при ЗНМ, таа активно придонесуваше во унапредувањето на етичките стандарди во новинарството и заштитата на професионалните вредности. Дувњак беше препознатлива по својата аналитичност и посветеност, особено во известувањето за правосудниот систем. Таа уживаше голема почит меѓу колегите и јавноста, како новинарка со висок професионален интегритет и силно чувство за одговорност. Нејзиниот придонес кон новинарската професија ќе остане трајно запаметен“, вели ЗНМ.
Погребот на Гордана Дувњак ќе се одржи утре од 11 часот на гробиштата Бутел во Скопје.



