РУСИЈА ГО КОРИСТИ ВМРО-ДПМНЕ ЗА АНТИАМЕРИКАНСКА ПРОПАГАНДА

    РУСИЈА ГО КОРИСТИ ВМРО-ДПМНЕ ЗА АНТИАМЕРИКАНСКА ПРОПАГАНДА

    Русија се обидува да ја експлоатира кризата во Македонија за да посее недоверба кон САД и да ја повлече десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ во својата орбита велат регионални аналитичари за реномираниот американски политички магазин „Политико“ . Во текстот насловен „Републиканците во сојуз со Русија за напад врз Сорос – како руската пропаганда на Балканот се најде на конгресните меморандуми“, тие предупредуваат дека Москва го доби главниот пропаганден потег токму со помош на неколкумина американски републикански сенатори.

    Во писмото до државниот секретар Рекс Тилерсон од 14 март годинава, 6-мина републикански сенатори на чело со Мајк Ли од Јута изразија загриженост дека САД ги „подгрева политичките немири, не го почитува националниот суверенитет и граѓанско општество“ во Македонија и Албанија. Групата конгресни републиканци се здружила со источноевропски политичари поддржани од Русија со заедничка цел да го спречат заедничкиот непријател, милијардерот финансиер Џорџ Сорос.

    Сенаторот Мајк Ли е и еден од двајцата републиканци кои го блокираа гласањето во Сенатот за прием на Црна Гора во НАТО што исто така е проруска агенда. Неговиот портпарол изјави дека тој го пратил писмото до Тилерсон врз основа на „лични брифинзи со македонските лидери“ и на информации добиени од групата Стоп Операција Сорос што ја формира новинарот Цветин Чилиманов, но одби да одговори кој го напишал писмото. Скопската група Стоп Операција Сорос исто така учествуваше на конвенцијата во Унгарија каде десничарски лидери отворија свое крило од групата, во кое учествуваат поедници кои го воспеваат Путин и сметаат дека „сега е време Русија да владее со светот“.

    Сенаторите во писмото до Тилерсон велат и дека Фондациите Отворено општество на Џорџ Сорос се обидуваат „да ја протуркаат прогресивната агенда и да ја поттикнат политичката левица“. Ова е обвинение што го поттикнува и заговара Москва, но со години никој не го есапеше во Вашингтон иако републиканците го сметаат Сорос за непријател поради неговите богати донации за Демократската партија, вели „Политико“.

    Писмата, со кои од Стејт департментот и Владината канцеларија за отчетност се бара информација за американската странска помош со која се финансираат групите на Сорос на Балканот, дојдоа по лобирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Според „Политико“, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев прв му укажал на темата за Сорос на републиканскиот сентарот од Њу Џерси Крис Смит со кого постојано се среќава кога оди во Вашингтон.

    Досега, републиканското лобирање против Сорос во Македонија нема голем резултат. Но вклученоста на неколкумина високопрофилни републиканци, меѓу кои и сенаторот од Тексас Тед Круз, ја зачуди американската заедница за надворешна политика, која гледа како штетното влијание од Москва на препад влегува во Конгресот.

    Руските медуми на англиски јазик, како РТ и Спутник на големо известуваа за писмото на 6-мината сенатори, а пишуваа и американските десничарски медиуми.

    „Политико“ вели дека иако официјално ВМРО-ДПМНЕ е прозападна, лидерот Никола Груевски ја прифати руската поддршка како одговор на она што тој го гледа како сојузништво на американската амбасада со левичарската опозиција. Тој на 1 февруари се сретна со рускиот амбасадор во Македонија, кој алудираше дека неименувани сили „шират нестабилност и несигурност во земјата“, како референца на Сорос. Руското МНР ден подоцна издаде соопштение со предупредување за „континуираното странско влијание во Македонија под псевдодемократски слогани“ и го поддрж ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, Русија неодамна го зголеми персоналот во амбасадата во Скопје.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира