Украина го поправила нафтоводот „Дружба“, преку кој Унгарија добива руска нафта, објави претседателот Володимир Зеленски, со што е отстранета главната пречка за одобрување на европскиот заем од 90 милијарди евра. Се очекува ова да биде точка на дневниот ред на средбата на лидерите на ЕУ оваа недела.
„Како што беше договорено во комуникацијата со Европската Унија, Украина ги заврши поправките на делот од нафтоводот ‘Дружба‘ кој беше оштетен во руски напад. Нафтоводот може да продолжи со работа. Ова го поврзуваме со деблокирањето на европскиот пакет за поддршка на Украина, кој веќе беше одобрен од Европскиот совет“, кажа Зеленски.
Транзитот на руска нафта низ „Дружба“ беше запрен во јануари откако наводно бил оштетен во руски напад со дронови. Унгарија притоа ја обвини Украина дека намерно одолговлекува со поправките, па стави вето на заемот на ЕУ во февруари, иако претходно се согласи со него.
Унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан во неделата изјави дека ќе го повлече ветото штом ќе се обнови транзитот на нафта преку „Дружба“. Доколку заемот биде одобрен оваа недела, Украина би требало да ги добие парите во мај, што ќе ѝ понуди олеснување на нејзината економија, погодена од војната.



