ЗЕМЈОДЕЛСКОТО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛА ОСТАНУВА ТАМУ КАДЕ ШТО ФУНКЦИОНИРА, КАЖА ЗАМЕНИК-МИНИСТЕРОТ ЗА ФИНАНСИИ НИКОЛЧЕ ЈАНКУЛОВСКИ ЗА НАЈАВЕНОТО ЗАТВОРАЊЕ НА „КУЗМАН ШАПКАРЕВ“

    ЗЕМЈОДЕЛСКОТО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛА ОСТАНУВА ТАМУ КАДЕ ШТО ФУНКЦИОНИРА, КАЖА ЗАМЕНИК-МИНИСТЕРОТ ЗА ФИНАНСИИ НИКОЛЧЕ ЈАНКУЛОВСКИ ЗА НАЈАВЕНОТО ЗАТВОРАЊЕ НА „КУЗМАН ШАПКАРЕВ“На почетокот на април МОН соопшти дека земјоделската струка веќе нема да врши настава во досегашното Средно земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола и се префрла во друго средно училиште во градот. (Фото: СДК.МК)

    Земјоделското училиште „Кузман Шапкарев“ од Битола останува таму каде што функционира, со јасна поддршка за зачувување на неговата улога и значење, објави на својот фејсбук профил заменик-министерот за финансии, битолчанецот Николче Јанкуловски. На почетокот на април, Министерството за образование и наука (МОН) објави дека земјоделската струка веќе нема да врши настава во досегашното Средно земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола и се префрла во друго средно училиште во градот.

    „Министерството за образование и наука ќе биде директно вклучено во следењето на работата и практичната настава на учениците“, кажа во објавата Јанкуловски.

    Од МОН денеска соопштија дека е направена измена во конкурсот за упис на ученици во престојната учебна година. Избришан е делот „една паралелка од сектор Земјоделство, рибарство и ветеринарство со 25 ученици за агротехничар ќе биде во училиштето ‘Таки Даскалот’“. Додадено е дека паралелката останува во Средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола.

    На почетокот на април, вработени во училиштето се обратија со писмо до јавноста реагирајќи дека школото кое образува земјоделски кадар и е отворено во срцето на Пелагонија, се затвора по 114 години. По ова следуваа бурни реакции од битолчани. Министерството за образование тогаш соопшти дека земјоделската струка од средното училиште ‘Кузман Шапкарев’ се префрла во средното училиште ‘Таки Даскало“. Од МОН рекоа дека наставниците нема да ги изгубат работните места, туку ќе продолжат да им предаваат на запишаните ученици.

    Во Конкурсот за упис во учебната 2026/2027 година во средните училишта во државата го немаше Земјоделското училиште во Битола. Секторот земјоделство, рибарство и ветеринарство со можност за упис на 25 ученици во една паралелка за агротехничар преминува во СОУ „Таки Даскало“.

    За ова жестоко се дискутираше и на последната седница на општинскиот Совет, по која претседателот Бојан Бојкоски рече дека градоначалникот Тони Коњановски ќе има средба со министерската за образование и дека го чекаат исходот од неа.

    Училиштето е отворено во 1912 како нижо земјоделско за обука на кадар и за заштита на добитокот. Понатаму, тоа се развивало низ годините во образовен центар многу значаен за Пелагонија, најголемата житница во државата, како и еден од најбогатите региони по производство на млеко во државата. Последните децении, со иселувањето, напуштањето на селата и земјоделството како дејност, се намали и бројот на ученици во школото. Последната учебна година беа запишани само 10 ученици.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира