Доналд Трамп изјави дека иранското раководство натерало стотици бродови да се упатат кон американските сојузни држави богати со нафта, како Тексас, Луизијана и Алјаска. Иако не прецизираше за какви бродови станува збор, експертите велат дека затворањето на Ормускиот Теснец ја зголемило побарувачката на американската сурова нафта.
Теснецот е најважната маршрута за извоз на нафта и гас од заливските земји, но тој е затворен за најголемиот број бродови од почетокот на американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари. Се проценува дека сообраќајот низ Теснецот се намалил за 97%, при што 2.000 бродови остануваат заглавени во Заливот поради војната.
Поради немање пристап до суровата нафта од Блискиот Исток, извозниците мораа да побараат алтернативни снабдувачи.
Податоците од фирмата за поморска аналитика „Кеплр“ покажуваат дека 71 голем танкер се движеле кон САД за да натоварат американска нафта, додека во кој било ден од минатата година просекот бил 27 танкери.
„Купувачите од Европа и Азија го гледаат снабдувањето со нафта од атлантскиот басен, вклучително и од брегот на Мексиканскиот Залив, како достапно, изобилно решение за пополнување на јазот во понудата“, вели Дејвид Хејдон, раководител во фирмата за пазарно истражување „Аргус медија“,
Се чини дека ова води кон зголемување на извозот на сурова нафта од САД. Консултантската куќа за поморски истражувања „Друри“ вели дека во седмицата што заврши на 10 април, испораките достигнале 5,2 милиони барели дневно, што е највисоко ниво во последните седум месеци.



