Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон во Собранието со кој се предвидува пратениците да можат да поседуваат исклучиво македонско државјанство. Пратеникот Антонијо Милошоски ја објави иницијативата на социјалните мрежи, а неговиот колега Бојан Стојаноски во гостување на ТВ Сител изјави дека предлогот е реакција на соопштението од СДСМ во кое се прашуваше дали одредени пратеници гласале на изборите во Бугарија викендов.
Идентична измена на Законот за пратеници ВМРО-ДПМНЕ предложи и во март 2021 година, кога партијата беше во опозиција. Тогашниот предлог беше поднесен по објавата на поранешниот бугарски вицепремиер Красимир Каракачанов, кој тврдеше дека македонски политичари од оваа партија имаат бугарски пасоши. ВМРО-ДПМНЕ тогаш ги демантираше овие тврдења и соопшти дека нивните членови немаат бугарско државјанство.
Тогаш, од СДСМ рекоа дека ваквото законско решение е прифатливо, но против беа ДУИ и другите партии на Албанците. Некои од тие политички субјекти кои тогаш не дадоа поддршка, денеска се дел од извршната власт. Предлог-законот не беше усвоен.



