Собранието на денешната седница ја утврди потребата од донесување на измените на Законот за Владата по скратена постапка, со што се отвора патот за укинување на моделот на преодна, односно техничка влада. За предлогот гласаа 67 пратеници, додека 13 беа против.
Со ова законско решение се предвидува елиминирање на досегашниот модел познат како Пржинска влада. Како што се наведува во образложението од Влада, која е предлагач, целта е да се обезбеди поголема стабилност, правна сигурност и заштита на јавниот интерес преку доследно заокружување на реформските процеси.
Со Пржинскиот договор од 2015 година се предвидува сто дена пред парламентарните избори да се воспостави техничка влада, која треба да обезбеди фер и демократски избори.
Во техничката влада, министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика ги предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието. Опозицијата, исто така, предлага дополнителни заменици-министри во уште три министерства.
Се менува и премиерот, но тој се именува на предлог на актуелната власт.



