Државните телевизии на Словенија, Шпанија и Ирска нема да ја пренесуваат годинашната Евровизија откако одлучија целосно да ја бојкотираат поради учеството на Израел.
Откако претходно соопшти дека нема да испрати претставник, словенечката телевизија кажа дека ќе емитува серија филмови за Палестина во термините на одржувањето на популарното музичко натпреварување.
„Нема да ја пренесуваме Евровизија. Место тоа, ќе ја емитуваме серијата филмови ‘Гласовите на Палестина‘, што вклучува палестински играни и документарни филмови“, изјави директорката на РТВС, Ксенија Хорват.
Шпанската РТВЕ нема да ја пренесува Евровизија за првпат откако земјата почна да се натпреварува во 1961 година, додека ирската државна телевизија РТЕ уште во декември објави дека нема ни да учествува, ни да го пренесува настанот.
Учеството го откажаа и Холандија и Исланд, но на нивните државни телевизии ќе има пренос. На тој начин, на јубилејната 70. Евровизија ќе има само 35 учесници, најмалку од 2004 година. Таа ќе се одржува од 12 до 16 мај во Виена.



