Еден градежен работник загина, а тројца се повредени откако биле затрупани од насип со земја на градилиште во општина Кисела Вода. Тројцата се спасени и се донесени на Ургентниот центар, едниот е со скршеници, другите двајца се со полесни повреди, ни изјави директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), д-р Игор Мерџаноски.
Д-р Драган Панов, шеф на смена во Итна медицинска помош – Скопје, за МИА изјави дека според првичните информации, настраданите најверојатно се на возраст од 35 до 45 години, но, увидот ќе покаже за што точно станува збор и под какви околности се случила несреќата. Жртвата, како што рече, според првичните информации, е на 34-годишна возраст.
„Интервениравме со четири амбулантни возила“, рече д-р Панов.
Министерството за внатрешни работи МВР) претходно информираше дека изутринава во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на улица Козјак во Скопје, при ископ на темели со земја биле затрупани тројца работници. Од нив, двајца се извадени и со возило на Итна медицинска помош се пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, а во координација со Центарот за управување со кризи и Бригадата за противпожарна заштита се преземаат мерки за вадење и на третото лице, велат од МВР.



