НАТО соопшти дека не постои одредба за суспендирање или исклучување на земјите-членки од воениот сојуз, откако интерна е-пошта на Пентагон сугерираше дека САД би можеле да се обидат да ја суспендираат Шпанија поради нејзиниот став кон војната во Иран. „Ројтерс“ цитираше американски функционер кој рекол дека Пентагон предложил мерки за казнување на сојузниците кои не ја поддржале американската воена кампања против Иран.
Во е-поштата било предложено и да се преиспита американската позиција кон тврдењето на Велика Британија дека полага право на Фолкландските Острови, што се оспорува од Аргентина. Британската влада реагираше, потенцирајќи дека Фолкландските Острови се британска прекуморска територија.
„Основачкиот договор на организацијата не предвидува никаква одредба за суспензија на членството или за исклучување од НАТО“, изјави функционер на воената алијанса.
Шпанскиот премиер Педро Санчес исто така го отфрли извештајот.
„Ние не работиме врз основа на е-пошта. Работиме со официјални документи и официјални владини ставови“, кажа Санчес.
Доналд Трамп постојано ги критикува сојузниците од НАТО зашто не им помогнаа на САД околу Иран и дури најави дека ќе го преиспита членството. Шпанија беше меѓу земјите кои најотворено се спротивставија на војната против Иран, па им забрани на американските авиони да ги користат заедничките воени бази.
Велика Британија, Франција и други земји кажаа дека би биле подготвени да го одржуваат Ормускиот Теснец отворен само по траен прекин на огнот.



