Министерството за здравство го објави тендерот за набавка за 100 амбулантни возила со надградена медицинска опрема за јавните здравствени установи низ државата. Проценетата вредност на набавката е 461.250.000 денари или 7,5 милиони евра. Во моментот е во тек законскиот рок за поднесување понуди.
„Набавката на 100 нови амбулантни возила значително ќе го унапреди капацитетот на здравствениот систем за одговор при итни состојби и ќе овозможи побрза и поефикасна интервенција со брз и навремен транспорт на пациенти до соодветните здравствени установи. За возилата е предвидена надградена медицинска опрема, а со тоа што ќе се распределат во установите низ државата, обезбедуваме подобра покриеност во сите подрачја, особено во руралните средини“, вели министерот за здравство Азир Алиу.
Оваа инвестиција е во рамките на поширок процес на суштинско јакнење на системот за здравствен одговор во кризни состојби, преку модернизација на итната медицинска помош и унапредување на оперативната способност на здравствениот систем.



