Основното јавно обвинителство Гостивар бара притвор за 28-годишен гостиварец поради основано сомнение дека сторил кривично дело Силување на дете кое не наполнило 15 години, казниво по член 188, став 1, како и Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина по член 152-а, став 5, во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 28-годишник, вработен во основно училиште, го навел девојчето на возраст од 14 години да му прати свои фотографии и видеа со сексуално експлицитна содржина, а потоа ја уценувал дека ќе ги објави ако не излезе со него. Детето-жртва прифатило да се сретнат, по што осомничениот го однел во куќа во Гостиварско, каде што извршил обљуба, кривично дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку осум години.
„Месецов повторно се обидел да ја уцени за да се сретнат, но девојчето одбило, по што тој ги објавил на една социјална мрежа експлицитните фотографии и видеа што ги поседувал. Со ова ги направил достапни и на други лица, со што го исполнил битието и на второто кривично дело, кое беше воведено во февруари годинава и за кое е предвидена затворска казна од 3 до 10 години“, велат од Обвинителството.
Имајќи ги предвид високите можни казни за овие кривични дела, јавниот обвинител оцени дека постои висок ризик осомничниот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Како што велат од Обвинителството, исто така, постои опасност да влијае врз детето-жртва, но и да го повтори делото. Од тие причини, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.



