ТВ-водителот Џими Кимел изјави дека неговата шега за Меланија Трамп била погрешно протолкувана и не значела повик на атентат, откако Доналд Трамп побара од ТВ-мрежата Еј-Би-Си да го отпушти. Минатата недела, Кимел ја опиша првата дама како жена која очекува да стане вдовица, во пародија на вечерата на дописниците од Белата куќа, емитувана само два дена пред пукањето на овој настан во хотелот „Вашингтон Хилтон“, на кој присуствуваа и Доналд и Меланија Трамп.
Таа кажа дека коментарите на Кимел се полни со омраза и насилство и побара Еј-Би-Си да преземе мерки.
„Луѓе како Кимел не треба да имаат можност да влегуваат во нашите домови секоја вечер и да шират омраза. Колку пати раководството на Еј-Би-Си ќе му овозможи на Кимел ужасно однесување на сметка на нашата заедница? Неговиот монолог за моето семејство не е комедија, неговите зборови се корозивни и ја продлабочуваат политичката болест во Америка“, кажа првата дама на САД.
Трамп потоа рече дека Еј-Би-Си треба да го отпушти Кимел, обвинувајќи го дека повикува на насилство.
Кимел појасни дека неговата шега дека „Меланија Трамп има сјај на жена која очекува да стане вдовица“ се однесувала на разликата во години помеѓу неа и Доналд Трамп.
„Тоа беше многу блага шега за фактот дека тој има речиси 80 години, а таа е помлада од мене. Во никој случај не беше повик на атентат. Се согласувам дека омразата и насилната реторика се нешто што треба да го отфрлиме. Мислам дека одлично место за почеток би било да разговарате со вашиот сопруг за тоа“, кажа Кимел.
Напаѓачот на вечерата на новинарите Кол Томас Ален вчера и формално беше обвинет за обид за атентат на Трамп откако се обиде да упадне на настанот вооружен со сачмарка, пиштол и ножеви. Тој рани агент на Тајната служба, пред да биде совладан и уапсен, додека Трамп беше итно евакуиран.
Минатиот септември, Еј-Би-Си го откажа популарното вечерно шоу на Џими Кимел на неодредено време поради неговите коментари за убиството на конзервативниот инфлуенсер Чарли Кирк. Матичната куќа „Волт Дизни“ ја поништи оваа одлука неколку дена подоцна.



