Во Австрија почна судењето на австрискиот државјанин по потекло од Македонија обвинет дека планирал и подготвувал џихадистички напад на концертите на Тејлор Свифт во Виена во август 2024. Беран А. денеска беше донесен во судот во Виенер Нојштат, каде што ќе се соочи со обвиненија за тероризам и други кривични дела.
Тој беше уапсен ден пред првиот концерт по дојава од ЦИА. Трите распродадени концерти на стадионот „Ернст Хапел“, на кои се очекуваа вкупно 195.000 луѓе, потоа беа откажани.
На Беран А. ќе му се суди заедно со уште еден 21-годишник, словачкиот државјанин Арда К., обвинет дека бил дел од истата ќелија на Исламска држава. Тие се обвинуваат дека планирале и други напади во Мека, Истанбул и Дубаи. Третиот член на ќелијата бил уапсен во Мека под сомнение дека извршил напад со нож.
Пред почетокот на судењето, адвокатката на Беран, Ана Маир, кажа дека тој се изјаснува како виновен. Судењето треба да трае четири дена, од кои последниот ден ќе биде 21 мај.
Обвинителите велат дека Беран прогласил верност кон Исламска држава и ширел онлајн пропаганда за неа и го обвинуваат за производство на експлозиви и за обид за нелегално купување оружје. Беран преку интернет добил инструкции за тоа како да направи шрапнел бомби, какви што користи Исламска држава, произведувајќи мала количина на експлозивниот триацетон пероксид.
„Доказите се јасни и убедливи“, рекоа обвинителите на почетокот на судењето.
Беран и Арда, кои беа тинејџери во моментот на апсењето, се соочуваат со затворски казни од десет до 20 години.



