БИТОЛЧАНИ Ѝ ДАДОА ИМЕ „УЛИЦАТА ТРАНСФОРМАТОРО“ НА НОВАТА УЛИЦА КАЈ СТАРАТА КАСАРНА

    БИТОЛЧАНИ Ѝ ДАДОА ИМЕ „УЛИЦАТА ТРАНСФОРМАТОРО“ НА НОВАТА УЛИЦА КАЈ СТАРАТА КАСАРНАОд Општина Битола соопштија дека се работи за траснформатор од витално значење за напојување на спортската сала, Музејот, Катастарот, дел од ракометното игралиште и целото Шеталиште, па не можеле да го отстранат (Фото: СДК.МК)

    Новата улица СРУ 5, иако официјално не добила име, битолчани веќе ја нарекоа „Улицата Трансформаторо“. Таа деновиве стана своевиден виц во Битола откако аголот од трансформаторот за струја со 15 до 20 сантиметри излегува на новиот коловоз тукушто асфалтиран, а со другиот свој дел го зафаќа просторот каде што би требало да продолжи новата пешачка патека.

    Откако минатата недела градоначалникот Тони Коњановски го најави асфалтирањето на новата улица, независната граѓанска иницијатива Поинаку излезе на терен и го „улови“ проблемот со трансформаторот на патот.

    „Дали трансформаторот ќе се тргне или ќе остане среде улица, како и сѐ друго што се прави искрпено во градот? Новата пашачка патека, верувале или не, завршува во трансформатор“, рече Габриела Илиевска во видеото објавено на социјалните мрежи минатата недела уште пред асфалтирањето на улицата.

    По неколку дена, СРУ 5 беше асфалтирана.

    „Пред 10 дена луѓето се вратија од Месечината, ние овде асфалтиравме улица по една година проектирање и измислување. Еве што измислија нашите архитекти и Општината“, рече советникот Иван Чулакоски во новото видео објавено на интернет.

    Пешачката патека, која дорпва ќе се доградува, ќе го заобиколува трансформаторот од задната страна. (Фото: СДК.МК)

    Од Општина Битола соопштија дека се работи за траснформатор од витално значење за напојување на спортската сала, Музејот, Катастарот, дел од ракометното игралиште и целото Шеталиште, па не можеле да го отстранат. Доколку се дислоцираше, ќе требаше многу време и пари, а имаше потреба за што поскоро пуштање на улицата за да се растовари сообраќајот во тој дел од градот.

    Општинаta најде решение со изработка на сообраќен проект за траен режим, кој вклучува велосипедски патеки во две насоки исцртани непосредно до трансформаторот. Пешачката патека, која дорпва ќе се доградува, ќе го заобиколува трансформаторот од задната страна.

    „Планската документација и проектот се од пред 15 години. Во ниту еден момент не го оставивме трансформаторот како неважен сегмент, знаевме дека постои, но сепак одлучивме да инвестираме, да градиме и сите предизвици да ги решаваме тековно. Проектот го гледале планери и проектанти. Лично сметам дека трансформаторот, освен можеби естетски, функционално не претставува никаква пречка. Сметам дека подобро е да се инвестира и долгорочно да се планира, отколку ништо да не се работи и да се чека уште една година да се премести трансформаторот“, рече Коњановски.

    На прашањето зошто улицата во делот каде е трансформаторот не била поместена 20 сантиметри во десно, тој одговори дека морале да постапат според планот. Во однос на тоа дали ќе се бара одговорност од проектантите, Коњановски го пофали Секторот за проектирање, велејќи дека работат со цел свој капацитет и дека со ваков кадар е подновена општината, но уште недостигаат  градежни инженери и добри архитекти.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира