Доналд Трамп кажа дека Иран го информирал дека се наоѓа во состојба на колапс, откако изрази незадоволство од неговиот последен предлог за решавање на двомесечниот конфликт. Според овој предлог, за иранските нуклеарни амбиции би се разговарало дури по завршувањето на војната и решавањето на спорот околу Ормускиот Теснец.
„Иран тукушто ме информираше дека се наоѓа во состојба на колапс. Тие сакаат да го отворат Ормускиот Теснец што е можно побрзо, додека се обидуваат да сфатат кој ја води земјата, што мислам дека брзо ќе го решат“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Од објавата на Трамп не е јасно како Иран ја соопштил таа порака. Портпарол на иранската армија изјави за државните медиуми дека Исламската Република не смета дека војната е завршена.
Надежите за обновување на мировните разговори се намалија откако Трамп го откажа патувањето на американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Исламабад изминатиот викенд, каде што иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи разговараше само со пакистанските функционери. Трамп потоа изјави дека Иран може да се јави телефонски ако сака да преговара за крај на војната.
Високи ирански претставници изјавија дека предлогот што Арагчи го доставил во Исламабад викендов предвидува разговори во фази. Прво би се барале прекин на војната и обезбедување гаранции дека САД нема да ја обноват. Потоа преговарачите би го решиле прашањето на американската поморска блокада и Ормускиот Теснец, кој Иран планира повторно да го отвори под своја контрола. Дури потоа би се разговарало за други прашања, како нуклеарната програма на Иран.
Наспроти ова, „Вол стрит џурнал“ објави, повикувајќи се на американски претставници, дека Трамп им наложил на своите соработници да се подготват за продолжена блокада на иранските пристаништа.



