Ким Џонг Ун ги пофали севернокорејските војници кои се самоубиле со детонирање на своите гранати додека се бореа за Русија против Украина, потврдувајќи го она за што се збореше досега. На отворањето на споменикот посветен на севернокорејските војници кои загинаа во војната против Украина, Ким ги нарече херои оние кои „без двоумење одлучиле да се саморазнесат, со цел да ја одбранат големата чест“.
Јужна Кореја проценува дека најмалку 15.000 Севернокорејци биле испратени да ѝ помогнат на Русија да ги врати деловите на Курск што беа под украинска контрола, при што загинале повеќе од 6.000. Ниту Пјонгјанг, ниту Москва не ги потврдија бројките.
Разузнавачките агенции и дезертерите претходно рекоа дека војниците имале наредба да се самоубијат, наместо да бидат заробени од Украина.
„Нивната саможртва без очекување на надомест и посветеноста без очекување на награда, тоа е дефиницијата за врвот на лојалноста на нашата армија“, рече Ким на настанот, на кој присуствуваа и рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов и претседателот на рускиот парламент Вјачеслав Володин.
Во Северна Кореја, војниците учат дека заробувањето е чин на предавство.
Порано оваа година, јужнокорејската телевизија „МБЦ“ емитуваше програма во која учествуваа двајца севернокорејски воени затвореници во Украина, при што еден од нив кажа дека жали што не си го одзел животот.
„Сите други се разнесоа. Јас не успеав“, кажа затвореникот.
Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја минатата година соопшти дека пронашла меморандуми за починати севернокорејски војници кои укажуваат на оваа екстремна практика.



