Војната во Иран досега ги чинела САД 25 милијарди долари, изјави висок функционер на министерството за одбрана, давајќи го првиот целосен увид во трошоците на воената операција, која трае веќе два месеца.
Актуелниот шеф на финансии на Пентагон, Џулс Херст, ја обелодени оваа сума на сослушувањето пред Комитетот за вооружените служби на Претставничкиот дом, во кое учествува и министерот Пит Хегсет и заповедникот на Здружениот штаб на војската, Ден Кејн. И покрај прогласеното примирје, војната и натаму не е официјално завршена, со што трошоците за САД ќе бидат и поголеми.
„До денес потрошивме околу 25 милијарди долари за операцијата ‘Епски бес‘, поголемиот дел од тоа во муниција“, рече Херст.
Но, таа бројка е далеку под многу надворешни проценки, со оглед на жестокото темпо на воздушните и поморските операции и трошоците за обновување на скапата противвоздушна одбрана. Исто така, администрацијата побара уште стотици милијарди долари за потребите на кампањата на Блискиот Исток.
Херст претходно кажа дека само во првата недела од нападите врз Иран биле потрошени 11 милијарди долари.
„Додека седиме тука денеска, нуклеарната програма на Иран е точно онаква каква што беше пред почетокот на оваа војна. Тие не ја изгубиле својата способност да нанесат болка. Тие сè уште имаат програма за балистички ракети. Тие сè уште се во можност да го блокираат Ормускиот Теснец“, кажа член на Комитетот, демократот Адам Смит.
Хегсет возврати дека „најголемиот противник со кој се соочуваме во овој момент се неодговорните, некомпетентни и поразителни зборови на демократските конгресмени и некои републиканци“.



