ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СТОМАТОЛОШКАТА КОМОРА ДОБИ КРИВИЧНA ПРИЈАВA ОД ФИНАНИСИСКАТА ПОЛИЦИЈА ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ

    ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СТОМАТОЛОШКАТА КОМОРА ДОБИ КРИВИЧНA ПРИЈАВA ОД ФИНАНИСИСКАТА ПОЛИЦИЈА ЗА ЗЛОУПОТРЕБИСо ваквите дејствија на пријавените лица била стекната противправна имотна корист во вкупен износ од над 517 илјади евра. - Случајот е во Обвинителството. (Фото: К. Попов)

    Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против поранешниот претседател на Стоматолошката комора на Македонија, М. Д. и против уште пет лица, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Како што соопшти Управата, пријавата е поднесена против М. Д., поранешен претседател на Стоматолошката комора на Македонија, К. П. како актуелен претседател, како и против Л. Е., К. З., А. Д. и Г. Ќ. Ч., членови на Комисијата за стручни стоматолошки прашања.

    Првопријавениот М. Д., пречекорувајќи ги границите на службените овластувања доверени од Министерството за здравство за издавање, обновување, продолжување и одземање лиценци за работа на доктори по стоматологија, свесно и со однапред утврдена намера склучувал договори со непостоечки здруженија за спроведување облици на континуирано стручно усовршување преку кои докторите по стоматологија стекнувале бодови за обновување на лиценците.

    „Воедно, првопријавениот бил основач, овластен потписник на банкарските сметки и еден од фактичките управители на ДДДММ – Друштво на доктори по дентална медицина на Македонија – Куманово, преку кое го изигрувал системот, постапувајќи спротивно на Правилникот за континуирано стручно усовршување и Законот за здравствена заштита. Во координација со останатите пријавени, биле издавани решенија и склучувани договори со цел спроведување на поголем број на настани годишно од она што е пропишано во Правилникот, овозможувајќи им имотна корист за ДДДММ, Македонското стоматолошко друштво и Стоматолошкото друштво на Албанците, на чии банкарски сметки се исплатувале средствата од котизациите на докторите по стоматологија за сите противправно акредитирани и реализирани настани, а за таа цел здруженијата во нивен состав намерно не биле регистрирани како посебни правни лица“, се вели во соопштението од Финансиската полиција.

    Со ваквите дејствија, како што велат од Финансиската полиција, била стекната противправна имотна корист во вкупен износ од речиси 32 милиони денари (над 517 илјади евра)

    Случајот е доставен до Обвинителството, кое треба да постапува понатаму.

    Лани на 22 август, Министерството за здравство до Јавното обвинителство на Македонија ја достави документацијата и наодите од извештаите на комисиите во врска со работењето на Стоматолошката комора, за натамошно постапување согласно законските надлежности. Алиу на 8 август, по насоки на стручна комисија, поради констатирани неправилности, ѝ ги одзеде овластувањата на Стоматолошката комора, која меѓу другото дава лиценци за работа на лекарите стоматолози.

    „Доставени се трите извештаи за работа на комисијата за вршење надзор над законитоста на работата во вршење на јавното овластување на Стоматолошката комора од 25.02.2025 година, од 15.05. 2025 и од 21.05.2025 година. Дополнително е доставено и известување до Стоматолошката комора од 11.03.2025 година, како и списи и документација од секторот за стоматолошка здарвствена заштита“, изјавија тогаш од Министерството.

    На 11 август, М. Д. како претседател на Комората рече дека во Комората имале неколку контроли и не биле констатирани неправилности. Денковски тогаш рече дека изминатиот период имале интензивна комуникација со министерот за здравство и заклучокот бил дека доколку има неправилности, Комората ќе ги вложи сите напори да се исправат.

    „Исто така, сакаме да посочиме дека во меѓувреме, во наведениот период, за работењето на Комората се направени неколку надзори и контроли од страна на Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Управата за јавни приходи, разни државни инспекторати и агенции и сл. и согласно записниците од направените надзори и контроли кои ги поседува Комората, нема утврдени неправилности во кој било сегмент во работењето на Комората, па ниту во делот на јавните овластувања кои се доделени со закон“, кажа тој, демантирајќи ги наводите дека на Комората ѝ биле дадени насоки од министер, а дека таа не постапила.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира