НА ДАМА ТАКВА ИНВЕНТИВНОСТ НЕ Ѝ ДОЛИКУВА, Ѝ РЕЧЕ ТОШКОВСКИ НА ПРАТЕНИЧКАТА ПЕТРОВСКА КОЈА ГО ПРАША ЗОШТО ЗА ПОТКУП Е УАПСЕН САМО ДИРЕКТОРОТ НА ЗЕМЈОДЕЛСКАТА ПЛАТЕЖНА АГЕНЦИЈА ФАТЕН ВО ЗГРАДАТА НА МИНИСТЕРОТ ТРИПУНОВСКИ

    НА ДАМА ТАКВА ИНВЕНТИВНОСТ НЕ Ѝ ДОЛИКУВА, Ѝ РЕЧЕ ТОШКОВСКИ НА ПРАТЕНИЧКАТА ПЕТРОВСКА КОЈА ГО ПРАША ЗОШТО ЗА ПОТКУП Е УАПСЕН САМО ДИРЕКТОРОТ НА ЗЕМЈОДЕЛСКАТА ПЛАТЕЖНА АГЕНЦИЈА ФАТЕН ВО ЗГРАДАТА НА МИНИСТЕРОТ ТРИПУНОВСКИОрганите на прогонот никогаш не открија на која локација беше уапсен директорот од ВМРО-ДПМНЕ Стоилов при земање мито од 50.000 евра, за доделување ИПАРД. (Фото: СДК.МК)

    На денешната седница за пратенички прашања, пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска покажа фотографии од апсењето на директорот на Инспекторатот за земјоделство Илија Стоилов од ВМРО-ДПМНЕ во подземната гаража на зграда на улица „Матеја Матевски“ каде што живее министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

    „Го уапсивте само директорот а не и крајниот корисник на тие средства. Локацијата на апсењето на директорот е во подземна гаража од каде се оди кон станот на Цветан Трипуновски“ рече Петровска, сомневајќи се дека МВР овој дел го заташка пред јавноста.

    Во продолжение кажа дека тој податок околу локацијата на апсење никогаш не била објавена ни на прес-конференција, ни во соопштение, и го праша министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дали свесно ја прекинал тој или некој друг во МВР акцијата и го уапсил директорот пред тој да му ги достави парите на некој друг?

    „И брат да е, ќе одговара. Така викавте министре“, додаде Славјанка Петровска.

    Тошковски на Петровска ѝ се смееше.

    „Морам да признаам дека инвентивноста од ден на ден ви е сѐ подобра. Имате тези кои се поблиску до научна фантастика, отколку до реалноста. Врз основа на поставените прашања, народот ќе ве цени вас. Сега за прашањето. Согласно моите информации што ги добив пред неколку секунди, во рамки на предметниот објект живеат многу поранешни и сегашни функционери. Лицето е апсено таму каде што е апсено, зашто таму ги примило парите. Кој друг живее во тој објект искрено не знам, можеби вие подобро би знаеле од мене во предметниот објект хахаха. Но да направите обид за една ваква груба манипулација, на дама не доликува. Ниски се овие удари да ја дефокусирате јавноста и уште еднаш ви честитам на инвентивниот пристап во начинот на скренување на вниманието на јавноста“, се смешкаше Тошковски.

    Пратеничката Петровска по ова рече дека тука нема инвентивност туку факти и пак ги покажа фотографиите од гаражата под Џевахир со митото од 50.000 евра над која живее министерот Цветан Трипуновски, сопартиец на уапсениот директор.

    „Јас не ги нацртав, не се ова уметнички фотографии, туку се слики од местото на ‘кривично-правниот настан’ како што милувате да кажете. Ако шеговито кажавте дека во зградата живееле многу поранешни, сегашни, можеби и идни функционери, ако беше некој од кој било од функционерите на претходната влада, ќе нѐ спружевте заедно со овој. Но, бидејќи е ваш, а има некоја појака врска од ‘брат да ви е’, а тоа е партиски другар и не смеете да го чепнете, затоа министре ја прекинавте операцијата и го уапсивте само на директорот, а не и крајниот корисник на тие финансиски средства“, обвини пратеничката Славјанка Петровска.

    Таа додаде дека начинот на кој ѝ одговори министерот Панче Тошковски денеска, само го потврди нејзиниот заклучок.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира