ОПФАТОТ СО СИТЕ ВАКЦИНИ Е ПОД ПРАГОТ ОД 95 ОТСТО, БЛАГ ПОРАСТ ИМА КАЈ ХПВ ВАКЦИНАЦИЈАТА

    ОПФАТОТ СО СИТЕ ВАКЦИНИ Е ПОД ПРАГОТ ОД 95 ОТСТО, БЛАГ ПОРАСТ ИМА КАЈ ХПВ ВАКЦИНАЦИЈАТАХПВ вакцинацијата бележи благ пораст – од 50,2% во 2024 на 51,5% во 2025 година, по проширувањето на вакцинацијата и кај момчињата. Сепак, опфатот останува низок и со значителни регионални разлики. (Фото: К. Попов)

    Опфатот со задолжителната вакцинација во Македонија и во 2025 останува под препорачаните 95 отсто, стои во Извештајот за реализација на Програмата за задолжителна имунизација на населението на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
    Според податоците, кај примовакцинацијата со три дози се бележи значително намалување во споредба со 2024 година, со опфат кој во повеќе вакцини е под 80%. Намалувањето се однесува на вакцините против Хепатит Б, Хемофилус инфлуенца и ДиТеПер/ИПВ, при што трендот го прекинува претходното постепено закрепнување по пандемијата со ковид-19.

    За разлика од тоа, кај ревакцинацијата на училишната популација се бележи пораст во однос на претходната година, особено кај вакцините на 7, 14 и 18-годишна возраст. Исто така, ревакцинацијата со МРП вакцина достигнала 84,7%, што претставува зголемување во однос на 2024 година.

    Опфатот со МРП вакцината (прва доза) во 2025 година изнесува 62,7%, значително под препорачаните 95%. Последен пат опфат над 90% е регистриран во 2019 година, по што се забележува континуиран пад, со исклучок на привременото подобрување во 2024 година поради засилени противепидемиски мерки.

    Во извештајот се наведува дека во 2024, по епидемии на голема кашлица, биле спроведени засилени мерки, вклучително и вакцинација на пропуштени деца и ограничувања за прием во предучилишни установи за невакцинирани деца. Овие интервенции довеле до зголемување на опфатот во таа година, особено кај ДиТеПер/ИПВ и ХиБ вакцините.
    Во 2025 година, со завршување на епидемијата и намалување на интензитетот на мерките, се регистрира повторен пад на опфатот, кој се поврзува и со намалена перцепција на ризик кај родителите.

    ХПВ вакцинацијата бележи благ пораст – од 50,2% во 2024 на 51,5% во 2025 година, по проширувањето на вакцинацијата и кај момчињата. Сепак, опфатот останува низок и со значителни регионални разлики.

    Најмалку вакцинирани девојчиња и момчиња има во Охрид (9,9 отсто), а вакцинацијата е 100 отсто реализирана во Берово, Виница, Пехчево, Македонски Брод и во Валандово.

    „Опфат понизок од вкупниот опфат во републиката се регистрира Тетово/Гостивар, Битола, Скопје, Прилеп, Битола и Кичево. Од подлежечките лица на територијата на целата република за оваа вакцина, не се опфатени вкупно 8.224 лица, од кои 4.638 се жители на Скопје“, стои во извештајот.

    Лани за првпат се реализира опфат со ХПВ вакцинација кај целата целна популација, по воведувањето на вакцинацијата и кај момчињата во 2024 година. Вклучувањето на момчињата во програмата придонесе за зголемување на бројот на вакцинирани деца и на вкупниот опфат. Проширувањето на ХПВ вакцинацијата на момчињата има позитивно влијание врз зголемувањето на опфатот, но истиот останува релативно низок.

    Опфатот со ротавирусна вакцина изнесува 64,3%, што претставува намалување во однос на претходната година. Исто така, се бележи пад и кај пневмококната вакцина, со вкупен опфат од 80,2% за примовакцинација и 59,7% за ревакцинација.

    „Особено загрижувачки е фактот што во 2025 година нема ниту една територија со опфат над 90% за сите вакцини, а најголем број пропуштени случаи се регистрирани во Скопје. Во неколку региони, како Битола, Струмица и Куманово, опфатот со одредени вакцини останува континуирано под препорачаните нивоа“, стои во извештајот.

    Извештајот предупредува дека нискиот и долгорочно намален опфат со МРП вакцинацијата може да доведе до акумулација на осетливо население и зголемен ризик од појава на епидемии на заболувања како мали сипаници.
    И покрај негативниот тренд во 2025 година, анализата заклучува дека таргетираните мерки и засилените интервенции во 2024 година покажале дека опфатот може значително да се подобри во краток рок, доколку се применуваат соодветни политики и активности.

    Здравствените власти препорачуваат засилување на активностите за подобрување на опфатот со вакцинација, со фокус на систематско пронаоѓање на невакцинирани и делумно вакцинирани лица, особено во регионите со најниска покриеност како Скопје, Куманово, Битола и Струмица.

    Според препораките, службите за вакцинација треба континуирано да го проверуваат вакциналниот статус на населението и активно да ги повикуваат граѓаните сè до комплетирање на имунизацијата согласно Календарот за вакцинација.

    Дополнително, се нагласува потребата од воспоставување постојани „catch-up“ активности, а не само во услови на епидемии, со цел да се одржи постигнатиот опфат и да се спречи негово повторно опаѓање.

    Поради значително нискиот опфат со МРП вакцината, се препорачуваат итни и таргетирани интервенции. Тие вклучуваат масовни повици, теренски активности и засилена комуникација со родителите, со цел да се достигне препорачаниот праг од најмалку 95% опфат.

    Воедно, се предлага воведување редовен мониторинг на навременоста на вакцинацијата, а не само на вкупниот опфат, што ќе овозможи рано откривање на доцнења и пропусти во имунизацијата и навремена реакција на здравствените институции.

     

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира