САЛАТА „ГЕМИЏИИ“ ВО ВЕЛЕС ДОБИ НОВ ЛЕД СЕМАФОР, ПРВ ОД ТАКОВ ВИД ВО МАКЕДОНИЈА

    САЛАТА „ГЕМИЏИИ“ ВО ВЕЛЕС ДОБИ НОВ ЛЕД СЕМАФОР, ПРВ ОД ТАКОВ ВИД ВО МАКЕДОНИЈАЗа оваа цел, локалната власт издвои 600 илјади денари (Фото: СДК.МК)

    Спортската сала „Гемиџии“ во Велес доби нов современ ЛЕД семафор, прв од таков вид во Македонија и еден од малкуте во регионот. Авторот, кој е од Бања Лука, изработил софтвер, апликација за спортски услуги, кој е наградуван во различни земји од 2022 до 2025 за најдобар во светот во рамките на спортските семафори.

    „ЛЕД екранот се управува со таблет, софтверот е едноставен за користење, многу е прецизен и има бројни додатни делови. Со овој програм нема потреба од водење записник, хартии, пенкала, сѐ се внесува електронски во текот на натпреварот. Можат да се следат други средби кои се играат истовремено, а се поврзани на овој програм. Можат да се емитуваат и реклами на полувреме, да се пуштаат музички нумери. Потоа сета оваа статистика може да се префрли на директниот пренос од натпреварот. Статистиката може да се презема од овој софтвер и гледачите да следат резултат, стрелци, време. За потребите на кошарката има поставено дисплеј на кошовите, кој покажува време за напад“, кажаа од фирмата „Белгранд Македонија“, која го инсталираше ЛЕД семафорот .

    „Белгранд“ е компанија од Теслиќ, БиХ, која изработува и поставува ЛЕД екрани, најмногу по трговски центри. Досега ги има поставено во 35 сали во регионот, најмногу во Хрватска и Австрија. Во Македонија ова е прв ваков семафор.

    Новиот ЛЕД семафор го замени застарениот на „ЕИ Ниш“. За оваа цел, локалната власт издвои 600 илјади денари.

    Во салата „Гемиџии“ натпревари играат велешките одбојкари, футсалци и кошаркари.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира