КАКО ДОМАШНИ МИЛЕНИЦИ СЕ ЧУВААТ 144.000 КУЧИЊА, 11.000 МАЧКИ И 6 ЛАСИЦИ, ПРЕБРОИЛА АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО

    КАКО ДОМАШНИ МИЛЕНИЦИ СЕ ЧУВААТ 144.000 КУЧИЊА, 11.000 МАЧКИ И 6 ЛАСИЦИ, ПРЕБРОИЛА АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВОАгенцијата за храна и ветеринаство ќе започне со пребројување како на бездомните така и на сопственичките кучиња, што ќе биде темел за отпочнување на стратегија на национално ниво. (Фото: СДК.МК)

    Агенцијата за храна и ветеринарство почнува со реализација на активности за подготовка на сеопфатна стратегија за решавање на проблемот со бездомните кучиња. Стратегијата за прв пат ќе се изработува поединечно, за секој плански регион во државава.

    Според податоците од информативниот систем на Агенција за храна и ветеринарство досега се регистрирани вкупно 156.555 домашни миленици на цела територија на Македонија од кои 144.693 кучиња, 11.856 мачки и 6 ласици.

    Овој нов пристап на решавање на актуелниот проблем со бездмните животни, предвидува спроведување на детална проценка на популацијата на бездомни кучиња и тоа во секој плански регион согласно спецификите дали станува збор за градско или рурално подрачје, спецификите на населените места во рамки на секој од регионите и слично.

    „Со активностите започнуваме прво во Полошкиот плански регион со цел запознавање на Локалната самоуправа со одредени активности коишто ќе треба да се преземат во наредниот период. Акцент се става на популацијата на бездомните кучиња. Првин треба да почнеме со пребројување како на бездомните така и на сопственичките кучиња што ќе ни претставува темел за отпочнување со една нова стратегија на национално ниво која што ќе се темели на стратегии за секој плански регион посебно“, изјави Тања Ристевска-Ололовска, раководител на сектор за инспекциски надзор при Агенција за храна и ветеринарство.

    Во овој сегмент проблемот со бездомните кучиња секако е најактуелен и бара соодветен начин на негово решавање.

    „Знаеме дека проблемот со бездомните кучиња е голем и постојано се зголемува но, тој проблем не е нерешлив. Како што го решиле во другите европски држави и ние ќе одиме по тие принципи на решавање за проблемот да се реши на цивилизиран начин, без труење на животните, без убивање, без малтретирање и без дислокации. Има начини како тоа да се направи, а тоа ќе биде објавено кога ќе биде готова стратегијата“, вели Ристевска Ололовска.
    За оваа цел формирана е работна група која е составена од претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерствата за локална самоуправа, животна средина и просторно планирање, ЗЕЛС, Ветеринарната комора, Ветеринарен факултет и Здруженија за заштита на животни и активисти.

    „Нашата порака до граѓаните е да имаат малку повеќе емпатија за бездомните кучиња. Убаво би било кога граѓаните во различни реони на градот би се организирале за собирање донации за третирање на бездомните кучиња со вакцини, кастрација, стерилизација, но и со вдомување“, вели Анета Филиповска од Здружението „Другари со крзнените“ од Тетово.

    З.АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира