Со презентација на албум со стотици фотографии од увидот по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс” во Кочани, извршен на 16 март лани и во деновите потоа, вишиот обвинител Дарко Јакимовски почна да ги поткрепува изјавите на досега сослушаните сведоци во големиот судски процес против 35 обвинети. Фотографиите покажуваат пустош и пепел.
Патики насекаде, тесна влезно-излезна врата единствена за евакуација, уште една задна врата запечатена со катанец место да служи за евакуација во стампедото во пожарот, траги дека насилно била отворена од пожарникарите однадвор и, за жал, задоцнето, потоа празни хидранти, тесни ходници на некогашниот производствен погон што сопственикот Дејан Јованов без проблем го пренаменил во дискотека, запечатени прозорци со гипс картони, бања со мали прозорци со метални решетки.
Според трагите од горливиот и негорливиот материјал, се развила температура од околу 800 целзиусови степени. Сите материјали, почнувајќи од полиуретанскиот сунѓер за звучна изолација на импровизираната дискотека, придонеле за брзо ширење на пожарот и за труење на гостите, млади луѓе и деца, во пренатрупаниот простор. Покривот бил со азбестни табли.
Кај јакната на Андреј Ѓорѓиевски, пејачот на „ДНК“, најдени се капки од полимерен материјал – полиуретан. Тој се користи како лепак, изолатор и друго и при оган развива многу висока температура, кој, патем, ослободува цијанид и други отрови. Со него била обложена дискотеката однатре.
Преживеани сведочеа како биле горени од капки што капеле врз нив од плафонот.
Следуваат видеа со вознемирувачка содржина од местото со мртви деца.
С. К. ДЕЛЕВСКА



