10 ПРЕТСТАВИ ВО ГЛАВНАТА СЕЛЕКЦИЈА НА ФЕСТИВАЛОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“, НАГРАДИТЕ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ЗА КЛИНЧЕ, МИЛЕНКОВСКИ, ЧАДИКОВСКИ И ЌЕРИМИ

    10 ПРЕТСТАВИ ВО ГЛАВНАТА СЕЛЕКЦИЈА НА ФЕСТИВАЛОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“, НАГРАДИТЕ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ЗА КЛИНЧЕ, МИЛЕНКОВСКИ, ЧАДИКОВСКИ И ЌЕРИМИ„Од изгледаните 54 претстави во македонските институционални театри и независната продукција, како главна одлика се гледа дека доминираат мал број режисерски имиња, квазикомедии кои треба да ни покажат дека публиката доаѓа во театар од една причина, како и препрочити на одамна веќе излитени драми“, рече Стојаноска. (Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“)

    Десет претстави во официјална и четири во придружна програма ќе има на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи во Прилеп од 5 до 12 јуни.

    Уметничката директорка на фестивалот и селекторка на програмата Ана Стојаноска на денешната прес-конференција кажа дека годинава мотото е „Храбриот нов театар“, а темата е „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“.

    Фестивалот ќе се отвори со претставата „Мачкина глава“ на Драмскиот театар, која е селектирана во официјалната програма, а ќе биде затворен со гостување на Београдско народно позориште со претставата „Црно злато“ во режија на Оливер Фрлјиќ, по текст на Дејан Дуковски, кој е Авторот во фокус на фестивалот годинава.

    Поради јубилејната година, Собранието на Фестивалот избра четворица добитници на наградите за животно дело: актерот Атила Клинче, режисерот Сашо Миленковски, актерот Веби Ќерими и Љубомир Чадиковски, сценограф и основач на Театарот за деца и младинци.

    На предлог на фамилијата на актерот Кирил Ристоски, Собранието на Фестивалот донесе одлука наградата за главна машка улога од годинава да го носи името на големиот актер, поради неговиот придонес кон македонскиот театар.

    „Од изгледаните 54 претстави во македонските институционални театри и од независната продукција, како главна одлика се гледа дека доминираат мал број режисерски имиња, квазикомедии кои треба да ни покажат дека публиката доаѓа во театар од една причина и препрочитања на одамна излитени драми. Недостига поголем простор за македонската драма, независно дали е современа или не, а особено претстави кои сериозно би ја поставиле македонската драма во современ контекст. Иако на репертоарите на театрите имаше македонски драми, сепак, недостигаше современ ракопис кој треба да покаже како треба да изгледа денешната современа драма кај нас, а истовремено, некои од претставите работени според македонските драми не беа на соодветно ниво во однос на актуелниот театарски контекст. Оваа селекција покажува дека има актери кои некако логично доаѓаат до своите претстави и доминираат во нив. Станува збор за неколку избрани актерски креации, кои вреди да бидат презентирани“, рече Стојаноска.

    Претстави во официјалната селекција се: „Амадеус“ од Петер Шефер, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар Скопје, „Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар Битола, „Ивона принцезата на Бургунд“ од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска, продукција на Театар Комедија, „Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар Куманово, „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Драмски театар Скопје, „Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар Скопје, „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар Штип, „Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ-Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар, „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп и „Челинџ“, автор и режија Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци Скопје.

    Во придружна програма се избрани претставите: „Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ, во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“ – Скопје, „Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, копродукција на Факултетот за драмски уметности Скопје и Македонскиот народен театар, „Невиност“ од Деа Лоер – дипломска претстава на класата по актерска игра, под менторство на проф. м-р Зоја Бузалковска и вонр. проф. м-р Александар Степанулески и „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, театар „Златен елец“

    За наградите на фестивалот ќе одлучува жирито во состав: Снежана Конески-Руси (актерка, режисерка), Дарко Лукиќ (театролог, независен театарски научник и автор од Хрватска) и Аида Буквиќ (наградувана театарска и филмска режисерка од Хрватска).

    Како дел од јубилејот, ќе биде посветен ден на Авторот во фокус, Дејан Дуковски и ќе бидат организирани три изложби. И годинава ќе биде организиран Музеј во движење, со фокус на творештвото на актерите Благој Ивчески, Лидија Иваноска и Трајче Иваноски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира