10 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ЧИНИ НОВИОТ ЛУНАПАРК ВО СКОПЈЕ, ЌЕ ГО ГРАДИ ФИРМАТА „МАСТЕФ“

    10 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ЧИНИ НОВИОТ ЛУНАПАРК ВО СКОПЈЕ, ЌЕ ГО ГРАДИ ФИРМАТА „МАСТЕФ“Новиот лунапарк ќе се гради на поголема површина од стариот односно ќе се прошири и на местото каде што беа летните дискотеки во Градски парк, кои пред два месеци беа урнати.(Фото: СДК.МК)

    Новиот забавен парк во Скопје, на местото на стариот Лунапарк во Градскиот парк ќе чини 10 милиони евра. Град Скопје склучи договор за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавниот парк со партерно уредување и пропратни објекти. Како што е објавено на страната за Бирото за јавни набавки договорот е склучен со фирмата „Мастеф“ ДООЕЛ од Скопје.

    Новиот лунапарк ќе се гради на поголема површина од стариот односно ќе се прошири и на местото каде што беа летните дискотеки во Градскиот парк, кои пред два месеци беа урнати.

    Скопје нема забавен парк 10 години. Ексградоначалникот Петре Шилегов, по доаѓањето на функцијата во 2017, го прекина проектот почнат од претходникот Коце Трајановски, со образложение дека не е добар и дека во Скопје наместо лунапарк ќе се гради забавен парк, на поголема површина и со многу повеќе реквизити за сите возрасти.

    Потоа, беше изработена студија од италијанското архитектонско студио „Баса“ која беше презентирана во 2019 и подарена на Град Скопје. Со проектот треба да бидат вклопени седумте реквизити купени во времето на Трајановски, но и да се предвидат локации за поставување нови 20, како панорамско тркало, ролеркостер, тајфун, пиратски брод, рингишпил. Поради пандемијата со ковид-19, проектот во време на Шилегов беше стопиран и парите беа пренаменети за други проекти.

    Според проектот, забавниот парк треба да се димензионира за да опслужува околу 3.000 посетители дневно. Предвидено е поставување забавни реквизити од кои дел се адреналински, најголемиот број се за деца, а ќе има и неколку семејни. Во просторот треба да се предвидат и пропратни содржини како место за храна, фонтана, билетара, продавница за сувенири, тоалети.

    Со доаѓањето на функција на Данела Арсовска во 2021, овој проект беше закочен односно ништо не беше направено за да се продолжи.

    Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, по доаѓањето на функцијата во ноември 2025, рече дека веднаш ќе почне постапка за изградба на забавниот парк и во декември беше распишан тендер за изведувач на градежните работи и набавка на реквизитите според проектот од времето на Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира