ПЕТЕР МАЃАР ДАДЕ ЗАКЛЕТВА КАКО ПРЕМИЕР НА УНГАРИЈА, ПО ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ВО ПАРЛАМЕНТОТ ПОВТОРНО СЕ ВЕЕ ЗНАМЕТО НА ЕУ

    ПЕТЕР МАЃАР ДАДЕ ЗАКЛЕТВА КАКО ПРЕМИЕР НА УНГАРИЈА, ПО ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ВО ПАРЛАМЕНТОТ ПОВТОРНО СЕ ВЕЕ ЗНАМЕТО НА ЕУНовиот премиер најави дека негов главен приоритет ќе биде обновување на односите со Брисел. (Фото: Индекс)

    Петер Маѓар во саботата официјално стапи на функцијата премиер на Унгарија, со што заврши 16-годишното владеење на Виктор Орбан. На свечената церемонија во парламентот во Будимпешта, за првпат по десет години беше истакнато знамето на Европската Унија. Синото знаме со златни ѕвезди беше вратено по одлука на новиот спикер на Собранието, со што се поништи претходната одлука од ерата на Орбан за негово отстранување.

    Новиот премиер најави дека негов главен приоритет ќе биде обновување на односите со Брисел. Целта е да се обезбедат околу 10 милијарди евра од европските фондови, кои беа замрзнати поради претходните проблеми со владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Маѓар минатата недела во Брисел оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со цел да се забрзаат реформите пред крајниот рок во август, по кој државата ризикува трајно губење на овие средства.

    Партијата Тиса, која Маѓар ја формираше во 2020 година по напуштањето на владејачката Фидес, на изборите во април освои 141 од вкупно 200 пратенички места. Со ова двотретинско мнозинство, новата администрација има моќ да спроведе и уставни измени.

    Виктор Орбан и неговите најблиски соработници потврдија дека нема да ги преземат пратеничките мандати во новиот состав на парламентот. Орбан во видеообраќање рече дека е невин во однос на какви било обвинувања за неговото работење и дека е подготвен да одговори на евентуални истраги.

    Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, упати честитки до Маѓар и изрази подготвеност за соработка со новата влада во ова ново поглавје за Унгарија.

    Заминувањето на Орбан, кој често користеше вето за блокирање на помошта за Украина и санкциите против Русија, доаѓа во време кога неговиот сојузник, словачкиот премиер Роберт Фицо, ја засилува поддршката за Кремљ. Фицо беше единствениот лидер од земја членка на ЕУ кој во саботата отпатува во Москва на прославата на Денот на победата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира