ПОРТУГАЛИЈА ЌЕ ЈА ПРЕПОЛОВИ ЗАВИСНОСТА ОД ФОСИЛНИ ГОРИВА ЗА ЕДНА ДЕЦЕНИЈА, ВОЈНАТА ВО ИРАН ГИ ЗАБРЗА ПЛАНОВИTE

    ПОРТУГАЛИЈА ЌЕ ЈА ПРЕПОЛОВИ ЗАВИСНОСТА ОД ФОСИЛНИ ГОРИВА ЗА ЕДНА ДЕЦЕНИЈА, ВОЈНАТА ВО ИРАН ГИ ЗАБРЗА ПЛАНОВИTEПланот бил подготвуван подолго време, десничарската влада го забрзала неговото финализирање поради конфликтот во Иран, кој го загрози глобалното снабдување со енергенси и доведе до пораст на цените. - Лисабон (Фото: Пекселс)

    Португалската влада наскоро ќе претстави мерки со кои планира да ја намали зависноста на земјата од фосилни горива за 50 отсто во следните десет години. Иако Португалија веќе е меѓу лидерите во Европа со 80 отсто производство на струја од обновливи извори, нафтата и гасот сè уште сочинуваат над 60 отсто од вкупната потрошувачка на енергија, каде се вклучени транспортот, индустријата и греењето.

    Министерката за животна средина и енергија, Марија да Граса Карваљо, во интервју објасни дека целта е оваа зависност да се сведе на половина во период од осум до десет години. Иако планот бил подготвуван подолго време, десничарската влада го забрзала неговото финализирање поради конфликтот во Иран, кој го загрози глобалното снабдување со енергенси и доведе до пораст на цените. Министрката вели дека Иран ја наметнал итноста за спроведување на овие мерки.

    Предлогот на Лисабон ќе биде презентиран во наредните недели. Во меѓувреме, Европската комисија во јуни планира да објави цели за електрификација на ниво на целата Унија, исто така насочени кон намалување на фосилните горива. Португалија ги поддржува плановите на Брисел, но апелира да не се занемаруваат зелените горива неопходни за декарбонизација на одредени индустриски гранки и транспортниот сектор.

    Карваљо вели дека Португалија сака да инвестира во обновливи молекули, како биодизел, водород, биометан и одржливи горива за авијација. Токму затоа земјата се одлучила за цел која подразбира целосно намалување на фосилните горива, наместо само цел за електрификација. Таа додаде дека по кризата со цените, општеството сега подобро ја разбира потребата да се прекине оваа енергетска зависност.

    Малку земји во Европската Унија имаат поставено конкретни цели за намалување на употребата на нафта и гас, бидејќи повеќето се фокусирани на зголемување на енергијата од обновливи извори и отфрлање на јагленот. Сличен пример е Франција, која годинава претстави цели за преполовување на фосилните горива во својот енергетски микс до 2035 година.

    Португалската влада исто така воведува данок на екстра профит за енергетските компании кои заработуваат од скокот на цените на горивата предизвикан од конфликтот со Иран. Иако Лисабон веќе ја воведува оваа мерка на национално ниво, министрката рече дека тие би претпочитале ваков данок да се донесе на ниво на ЕУ за да се зачува интегритетот на внатрешниот пазар и да се обезбедат еднакви услови за сите земји членки.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира