На вториот пеливански турнир во Штип, град кој важи за колевка на борењето, учествуваа над 80 борачи од сите балкански земји, а најмногу од Македонија. На игралиштето на Фудбалскиот клуб „Ќежовица“ во Штип, неколку илјади гледачи ги следеа пеливанските борби.
Поддржани од звуците на зурлите и тапаните, на пеливаните не им сметаше тоа што беа измачкани со зејтин до половина. Во едни такви пеливански услови, најподготвените и најсилните ги совладуваа своите противници. Најдобрите по категории добија признанија и парични награди, а посебни награди добија од публиката, која доброволно ги даруваше со пари.
„Задоволен сум од одѕивот за учество на вториот пеливански турнир во Штип и мило ми е што има борачи од сите соседни земји и од Турција, која важи за една од најдобрите во светот во пеливанско борење, а посебно ми е драго што најмногу учесници има од сите пеливански клубови во Македонија“, рече претседателот на организациониот одбор на турнирот, борачот Дејан Митров, македонски репрезентативец во слободен стил и најдобар македонски пеливански борач.
Т. ЈОВАНОВСКИ



