Британскиот премиер Кир Стармер се наоѓа под силен притисок да поднесе оставка откако повеќе од 80 пратеници од неговата Лабуристичка партија го побараа тоа од него по слабиот настап на неодамнешните локални избори. Дури и дел од неговата влада се сврте против него и министерката за заедници и домување Мијата Фанбулех е првата која поднесе оставка утрово.
Според весникот „Дејли телеграф“, шестмина министри ќе побараат оставка од Стармер на денешен состанок на владата, меѓу кои и министрите за надворешни работи, одбрана и за култура.
Иако Лабуристите остварија убедлива победа на парламентарните избори во јули 2024, нивниот рејтинг денес е драстично намален и многумина го обвинуваат Стармер за тоа. Партијата доживеа тежок пораз на локалните избори во Англија, Шкотска и Велс минатата недела и стравува дека би можела да ја изгуби власта на следните избори, предвидени за 2029.
„Мора да направиме промени и тоа брзо. Мора да го свртиме овој брод“, рече лабуристичката пратеничка Кетрин Вест.
Стармер, кој досега не даваше сигнали дека ќе се повлече, се огласи со соопштение пред состанокот со министрите.
„Како што реков вчера, ја преземам одговорноста за резултатите од овие избори и ја преземам одговорноста за спроведување на промената што ја ветивме. Изминатите 48 часа беа дестабилизирачки за владата и тоа има реална економска цена за нашата земја и за семејствата. Лабуристичката партија има процес за оспорување на лидер и тој не е активиран. Земјата очекува од нас да продолжиме со владеењето. Тоа е она што го правам и она што мора да го направиме како кабинет“, кажа Стармер.



