ПОВЕЌЕ ОД 300 МЕНАЏЕРИ И СМЕТКОВОДИТЕЛИ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА ЗА Е-ФАКТУРИ ВО СКОПЈЕ

    ПОВЕЌЕ ОД 300 МЕНАЏЕРИ И СМЕТКОВОДИТЕЛИ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА ЗА Е-ФАКТУРИ ВО СКОПЈЕНа конференцијата беа отворени значајни теми поврзани со иднината на електронското работење, законските обврски и интеграцијата на ERP системите. (Фото: Пантеон)

    Повеќе од 300 менаџери, директори, сметководители и претставници на македонски компании учествуваа на конференцијата „PANTHEON еФактура“, која се одржа во Скопје во организација на Даталаб Македонија. Главниот фокус на настанот беше насочен кон дигитализацијата на деловните процеси, автоматизацијата и подготвеноста на стопанството за воведување на системот за електронско фактурирање преку практични решенија и искуства од регионот.

    На конференцијата беа отворени значајни теми поврзани со иднината на електронското работење, законските обврски и интеграцијата на ERP системите. Снежана Тонева Кузманова од Комората на сметководители зборуваше за капацитетите на сметководствената фела за овој процес, укажувајќи на придобивките што дигитализацијата ги носи во секојдневното работење. Искуства од регионот споделија експерти од Словенија и Србија, кои направија споредба на моделите што веќе функционираат во соседните земји. Тие објаснија дека по почетните предизвици при адаптацијата, компаниите таму сега имаат побрза обработка на документи, подобра контрола и значително помали административни трошоци.

    Во текот на настанот беа презентирани и конкретни решенија за интеграција на софтверски системи со управувањето во магацините и процесите за автоматско креирање е-фактури. Тимот на Даталаб Македонија претстави напредни функционалности за автоматизација на сложени деловни процеси, вклучувајќи дигитално управување со документи и решенија за сервис на терен преку мобилни уреди. Исто така, беше прикажано како автоматизираната подготовка на ДДВ пресметки и завршни сметки може дополнително да ја олесни работата на компаниите и сметководствените бироа.

    Заедничкиот заклучок од собирот беше дека дигитализацијата веќе не претставува избор, туку е неопходност за зачувување на конкурентноста и ефикасноста. Беше истакнато дека Македонија активно се подготвува за новиот систем, а компаниите што навреме ќе започнат со трансформацијата ќе имаат предност во оптимизацијата на процесите. Настанот беше поддржан од компаниите Инфо-Код и АКТОН Комуникации, а организаторите најавија дека ќе продолжат со едукација и поддршка на бизнис секторот во спроведувањето на современите софтверски решенија.

    На следниот линк можете да погледнете дел од атмосферата и присутните на конференцијата: Галерија од конференцијата PANTHEON еФактура

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира