„Реновираниот оперативен блок ќе овозможи можеби и преполовување на листите на чекање, но ако имаме адекватно доволен број на персонал. Во здравството фали персонал. Не фалат услови, условите коишто ги гледате денеска само ќе бидат додадена вредност. Ние мораме кадровски да се екипираме“, рече денеска директорот на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски.
На промоцијата на реновираниот оперативен блок, директорот рече дека не смее да се остане на тоа сѐ да се централизира во Скопје, бидејќи и во „8 Септември“ и во другите скопски болници и на Клиничкиот центар доаѓаат пациенти од целата држава.
„Листите на чекање се креираат на тој начин. Проверете дали има листи на чекање во некоја од болниците во внатрешноста, ги нема. Пациентите се насочуваат овде. Централизацијата е погубна за македонското здравство. Мора да направиме регионализација и рамномерен регионален здравствен развој. Пациентот мора да добива ист квалитет на услуга и во местото од каде што потекнува. Дали тоа ќе го направиме со ротација на персонал, дали тоа ќе го направиме со екипирање и на центри коишто се надвор од Скопје, ќе мора да седнеме и да се договориме. Само тогаш листите на чекање ќе се преполоват. Не можете да очекувате листата на чекање во Градска општа болница да се намали ако таму се пациенти од Струмица, Штип, Велес, цел исток, цел запад. Истото е и на Клинички центар, исто е и во ‘Свети Наум Охридски’.
Листите се креираат затоа што бројот на здравствен персонал не може да направи чудо. Толку се 24 часа во денот, толку е можноста да се направат оперативни интервенции. Ако ние поработиме малку на рамномерен регионален развој, тогаш ќе видите дека и листите на чекање ќе исчезнат. Тоа е моделот од Словенија, не треба многу да размислуваме, треба само да го прифатиме“, кажа директорот, одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот за здравство Азир Алиу додаде дека кадар фали секаде во светот и дека за првпат изработуваат Национална стратегија за човечки капацитети во здравството, во соработка со Министерството за образование и наука (МОН).
„Предвидуваме број на кадри и перформанси, почнувајќи од медицински сестри, па сè до доктори специјалисти. Се надевам дека оваа стратегија ќе придонесе за пет години прашањето за недостиг на кадар да не биде тема. Кадар фали насекаде во светот и секоја држава прави ваква стратегија“, рече Алиу.
Б. НЕСТОРОСКА



