МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ДОБИЈА УШТЕ ЕДНО ВЕТУВАЊЕ ДЕКА ЌЕ БИДАТ ВНЕСЕНИ ВО НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА

    МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ДОБИЈА УШТЕ ЕДНО ВЕТУВАЊЕ ДЕКА ЌЕ БИДАТ ВНЕСЕНИ ВО НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА„Законот за сестринството не е формална административност. Тоа е една празнина којашто ја чувствуваме во секојдневието и кое се одразува на нас во болниците“, рече Бешлиоска. (Фото: СДК.МК)

    Сојузот на здруженијата на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија ги одбележаа Неделата на сестринството и 12 мај -Меѓународниот ден на медицинските сестри со свечена академија која се одржа во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.

    Гордана Бешлиоска, претседателка на Сојузот, рече дека оваа академија има за цел да го истакне значењето на сестринството како клучен столб на здравствениот систем и улогата на медицинските сестри во унапредувањето на здравствената заштита и јавното здравје.

    „Нема да има силен здравствен систем без професионална и силна сестринска структура, тоа значи образовани медицински сестри кои ни фалат, медицински сестри кои се градат со истражувања, медицински сестри за нашите пациенти. Тие се прават за да бидат професионални и да изградат доверба, да бидат во чекор со современата медицина. Законот за сестринството не е формална административност. Тоа е една празнина којашто ја чувствуваме во секојдневието и кое се одразува на нас во болниците. Непризнаени, непрепознаени, неплатени и неадекватно одговорни. Законот како административно нешто треба да нè уреди во образованието, треба да ни направи структура на компетенциите, кои треба да ни следуваат во болниците врз основа на нашите образовни квалификации“, кажа во дел од обраќањето Бешлиоска.

    Министерот за здравство Азир Алиу рече дека медицинските сестри ќе бидат опфатени со промените во Законот за здравствена заштита кој е во подготовка.

    „Пречките се во Законот за здравствена заштита, таму воопшто не се споменуваат и дефинираат профилите на медицинските сестри. Во тек сме со овој закон и во првата фаза, бидејќи е крупна промена, ќе ни требаат повеќе месеци да се работи, да се дефинира професијата лекар и медицинска сестра. Очекувам од вас, имате поддршка да се формира Комора на медицински сестри за да може да се грижи за професионалниот академскиот аспект како и за профилизација на медицински сестри“, кажа Алиу.

    На свечената академија беа доделени повеќе признанија. За најхумани медицински сестри за 2025 година прогласени се Милица Трпковска и Зебуш Реџа од Тетово, Анита Ѓорѓевска од Куманово, Валентина Угриновска од Скопје, Софче Поповска од Струмица, Виолета Михајлова од Градската општа болница (ГОБ)„8 Септември“, Виолета Пауновска од Здравствен дом Тетово, Лозана Коруновска Олеска од Охрид и постхумно за Иле Гоцевски возачот на Итна медицинска помош од Кочани.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира