ПО ПОВИКОТ ОД ПРЕМИЕРОТ, ОБВИНИТЕЛОТ САВЕСКИ ВЕЛИ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА СПРЕЧИ НИКОГО ДА МУ СЕ ЈАВИ НА ТЕЛЕФОН, НО НЕ ЗБОРУВАЛЕ ЗА ДЕТАЛИ ЗА ТЕЦ НЕГОТИНО

    ПО ПОВИКОТ ОД ПРЕМИЕРОТ, ОБВИНИТЕЛОТ САВЕСКИ ВЕЛИ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА СПРЕЧИ НИКОГО ДА МУ СЕ ЈАВИ НА ТЕЛЕФОН, НО НЕ ЗБОРУВАЛЕ ЗА ДЕТАЛИ ЗА ТЕЦ НЕГОТИНОДржавниот обвинител Ненад Савески наведува дека за истрагите не се надлежни и одговорни ни тој како државен обвинител, ни премиерот, туку само надлежниот обвинител. (Фото: СДК.МК)

    Откако премиерот Христијан Мицкоски јавно кажа дека му се јавил на Државниот обвинител Ненад Савески да го праша за запирањето на едногодишната истрага за наводни незаконски јавни набавки на мазут за ТЕЦ Неготино, Савески кажа дека никого не може да го спречи да го побара на телефон.

    „Јавниот обвинител на РСМ не може да спречи некого да му се јави телефонски. Вчера за првпат воопшто телефонски му се јави Претседателот на Владата на РСМ, но во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет, вклучително и за предметот за кој покажувате интерес. На прашање на Претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од обвинителството во медиумите – дека предметот не е рефериран во Републичкото обвинителство и дека Државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување“, соопшти неговиот кабинет.

    Додека премиерот не престанува да се меша во истраги, за кое си кажа уште од парламентарната говорница на 26 март дека ќе го прави, Савески во истото соопштение денеска наведува дека за истрагите не се надлежни и одговорни ни тој како државен обвинител, ни премиерот, туку само надлежниот обвинител.

    „Предметниот јавен обвинител од ОЈОГОКК одлучува самостојно. Имено согласно чл.3 од Законот за јавното обвинителство, обвинителството се организира според принципите на хиерархија и субординација, но почитувањето на овие принципи не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата. Уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство се обврзани да ја почитуваат сите“, се вели во соопштението.

    По изборот на Савески за нов државен обвинител, на седницата за пратенички прашања на 26 март, на прашање од сопартијка од ВМРО-ДПМНЕ кои се неговите очекувања од новиот Државен обвинител кој Владата го предложи, а Собранието го избра, Мицкоски наброја три желби кои Савески треба да му ги исполни.

    Прво, Мицкоски рече дека новиот Обвинител на Македонија мора да открие како магично затвореникот Катица Јанева, како што ја нарече, со едно писмо од затвор ги вратила во живот со помош на тогашниот Државен обвинител материјалите и предметите на СЈО. Додаде дека тоа било многу важно за иднината на државата.

    „Јас нема да се смирам ако не добијам одговор и како им се судеше на група луѓе за тероризам и врз основа на кои докази? Како се изнудуваа изјави од заштитените сведоци и трето, за колкави бонуси станува збор за обвинителите од СЈО и зошто се плашат овој предмет да влезе во фаза на истрага. Очекувам новиот јавен обвинител да излезе со јасна информација во јавноста, значи – ден тој и тој, тоа се случило – ако тоа не го направи ќе продолжиме да живееме во држава во која една група ќе биде повластена а другите ќе живеат во очај дека правдата не важи за сите”, делеше тој ден премиерот задачи за Ненад Савески. Тој побара и наводни предмети од наоди на Државниот завод за ревизија што се чувале, како што рече во фиока, Савески да ги извади и да ги процесира.

    По овие нарачки на премиерот. Савески со денови одговараше на новинарски прашања дека изјави на политичари не коментира. Не е познато дали се истражува писмото на Катица Јанева, но на Ленче Ристоска ѝ беа одземени предметите за ВМРО-ДПМНЕ „Талир 1“ и „Талир 2“, по што таа си поднесе оставка од функцијата обвинител. Од останатите желби на премиерот, не се знае дали пак ќе се активираат истрагите за бонусите што ги земаа порано обвинителите од СЈО за висок ризик во работата.

    Советот на јавни обвинители денеска соопшти дека на седница ќе го праша Државниот обвинител Ненад Савески за јавувањето на премиерот Христијан Мицкоски кај него за конкретен предмет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира