Во куќата на нејзиниот татко, најверојатно на спиење, била убиена 31-годишната битолчанка Ајнет Вејсел, откако утрово околу 6:40 часот сопругот со кој живееле одделно, влегол во куќата и ја избодел со нож.
Убиството се случи на улица Петта во битолската населба Баир. Сопружниците поради несогласувања живееле одвоено, а имаат четири деца. По убиството 33- годишнот А.Р. е лишен од слобода, а во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена кривична пријава за убиство.
Пред татковата куќа во која беше убена жената, денес беа собрани нејзините роднини. Стрикото на Ајнет, кај кого престојуваат нејзините деца, раскажува дека утрото додека одел кон куќата на внуката, ги пресретнал осомничениот заедно со мајка му и татко му.
„Станав сабајле околу 7 саатот , внук ми ми рече ‘Оди брзо чупето е издупено со нож’. Јас пред да дојдам кај неа, ги видов нивните одеа нагоре, нејзиниот сопруг, мајката и таткото. Кога дојдов тука имаше Брза помош сакав да влезам внатре, ми рекоа ‘подобро да не влегуваш’ “, раскажува стрикото Ахмет Вејсел.

Во населбата Баир денес имаше засилено полициско присуство и пред куќата каде беше убиена жената и во маалото каде живее сопругот. (Фото: СДК.МК)
Тетката Надрие Вејсел вели дека Ајнет била избодена до смрт и бара надлежните органи целосно да го испитаат случајот и сите инволвирани да завршат зад решетки.
„Сакам власта да преземе мерки за да не стане поголемата, брат ми е во шок. Ја избодеа до смрт, дури не даде душа, тогаш викнаа Брза помош на телефон. Неговото семејство многу ја мразеше оти го остави него, си ги зеде децата. И нон-стоп ѝ се закануваше. И реков на мојата внука да го пријави, но не го стори тоа поради децата“, рече Надире Вејсел, тетка на убиената.
Од полицијата соопштија дека заедно со Обвинителството работата на случајот, а досега само сопругот е задржан во полициска станица.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола изврши увид на местото на убиството. Издадена е наредба за обдукција за починатата, а од куќата подигнати се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење.
Во населбата Баир денес имаше засилено полициско присуство и пред куќата каде беше убиена жената и во маалото каде живее сопругот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



