Доналд Трамп изјави дека го губи трпението со Иран откако разговараше за војната со кинескиот претседател Шји Џинпинг во Пекинг.
Белата куќа соопшти дека Трамп и Шји се согласиле дека Ормускиот Теснец треба да биде отворен, откако Иран го затвори за најголемиот број бродови по почетокот на американско-израелските напади на 28 февруари, што доведе до досега невидено глобално нарушување во снабдувањето со енергенси. Кина е најголемиот купувач на иранската нафта.
„Нема уште долго да бидам трпелив. Иран мора да склучи договор“, кажа Трамп за „Фокс њуз“, осврнувајќи се и на иранските залихи на збогатен ураниум.
„Би се чувствувал подобро ако ги добијам, но не е неопходно“, рече тој.
Трамп тврди дека Шји му ветил дека Кина нема да му праќа воена опрема на Иран.
„Тој рече дека нема да дава воена опрема и тоа е голема изјава. Шји би сакал да се постигне договор и ми рече: ‘Ако можам да помогнам, би сакал да помогнам‘“.
Трамп сака да добие кинеска поддршка за да стави крај на војната што стана голема пречка пред меѓуизборите во САД во ноември. Но, аналитичарите се сомневаат дека Шји ќе биде подготвен силно да го притисне Иран или да ја прекине поддршката за неговата војска.



