Фатениот претседател на суд со мито Алјеса Алији од Гостивар е претходно најамнестираниот судија од страна на Судскиот совет, за крупни грешки што ги потврди и Државниот завод за ревизија, а за кои никогаш не одговараше.
Обвинителството за организиран криминал и корупција ги фати него и судски службеник од Основниот суд Гостивар во земање мито од 8.000 евра. Од вчера тие се под истрага за кривично дело Примање награда за противзаконито влијание.
Алији остана најбизарниот случај на Судскиот совет, зашто иако самиот се пријави пред Советот дека 6 години трупал предмети во шкаф и ги застарел, сепак тој го награди со тоа што го избра за претседател на Гостиварскиот суд.
Како судија за извршување на санкциите во периодот од јануари 2013 до 2019 (пред за првпат да стане претседател на судот), постапувајќи по предметите кои биле распоредени за извршување: конфискација на имот и имотна корист, трошоци за судења, парични казни-глоби, како и за одземање на имот, издал налози за присилни наплати и извршни пресуди до УЈП Скопје, но по доставување на ваквите извршувања до Одделот за извршни и прекршочни санкции, едноставно не го следел извршувањето. Предметите не ги доставувал до УЈП и до извршители, па дошло до застареност и неможност за нивна наплата.
Потоа, Судскиот совет го избира Алији за в. д. претседател, но починува службеникот во чиј плакар биле таложени овие неизвршени предмети, па морало да се изврши контрола што има од предмети кај него. Така се открило што правел Елјеса Алији цели 6 години, додека бил судија.
Алији потоа ги известил Судскиот совет и Министерството за правда за проблемот што го создал тој како судија, а што го открил откако станал претседател на судот.
- ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ГОСТИВАРСКИОТ СУД ЕЛЈЕСА АЛИЈИ, КОЈ СЕ ПРИЈАВИ СЕБЕСИ ДЕКА КАКО СУДИЈА 6 ГОДИНИ ТРУПАЛ ПРЕДМЕТИ ВО ШКАФ, СЕГА ИМА НОВА ПОСТАПКА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ
- ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ГОСТИВАРСКИОТ СУД КОЈ САМ СЕ ПРИЈАВИ ДЕКА ЧУВАЛ ПРЕДМЕТИ ВО ШКАФ, НЕ ВОСПОСТАВИЛ НИ ЕВИДЕНЦИЈА ЗА ОДЗЕМЕНИТЕ ПАРИ И НАКИТ ШТО ВЛЕГУВАЛЕ ВО СУДОТ
За ова Судскиот совет го казни само со 15 посто од платата, а втората постапка за разрешување му беше запрена за да биде избран за претседател.
„Осомничените во периодот од месец јануари 2023 година до 2025 година, заедно, со умисла искористувајќи ја својата службена положба, реално и претпоставено влијание како Претседател и како Судски администратор, барале и примиле парична награда во износ од 8.000 евра, а второосомничениот и износ од 800 евра, со цел да интервенираат кај судија на Основниот суд Гостивар и кај совет на судии во Апелациониот суд Гостивар, за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши“, наведе Обвинителството со колкава сума биле фатени Алији и колегата службеник.
На странката во граѓански судски спор, тие му ветиле дека ќе му помогнат уште на почетокот на 2023 година.
„За надомест од 5.000 евра тие требало да интервенираат кај судија во Основниот суд Гостивар да донесе решение за повторување на постапката за која била донесена одбивателна пресуда. Откако не успеале, повторно, по барање на осомничените на дополнителни парични средства во износ од 3.000 евра требало да интервенираат кај судии во Апелациониот суд Гостивар, за укинување на првостепеното решение со кое не било дозволено повторување на постапката. Подоцна износ од 800 евра како награда му биле дадени на судскиот администратор со цел да заврши работа по однос на доставениот писмен документ од извршител“, кажува истрагата.
За претседателот Алији имаше постапка за разрешување, но Судскиот совет лани во јули ја запре. Тој имаше потешка дисциплинска повреда, бидејќи место да се изземе, одлучил т. е. потпишал повторување на судење на фалсификатор на пари кој бил осуден во отсуство, но застапуван од адвокатско друштво во кое работел синот на Алији.
Пред точно една година Државниот завод за ревизија откри дека во Основниот суд Гостивар под раководство на Алији, нема евиденција на одземените пари,на скапоцености, накит од извршени кривични дела, а кои влегуваат во сефот на овој суд. Не се знае ни што и колку од вредни предмети влегува во судот, ни дали, што и колку се носи во Агенцијата за конфискуван имот. Не вршел ни попис на овие скапоцени предмети, па не се знаеше ни каде тие завршиле, дали некој си земал од нив…
Како што пишуваше тогаш САКАМДАКАЖАМ.МК, ревизорите утврдиле сериозни забелешки за состојбите во Основниот суд Гостивар: отсуство на документација со која ќе се потврди правото на сопственост или користење на недвижниот имот – објектот во кој е сместен судот, пописот не e спроведен согласно законската регулатива, не се користи системот за електронската евиденција на работно време и на прекувремената работа, активности за вршење на попис на судските депозити не се преземени, не е утврден статусот на предметите по судските депозити завршени/незавршени, со цел преземање на понатамошни мерки за нив, не е извршен надзор над севкупното материјално и финансиско работење на судот со средствата за депозитите.
„Депозит за гориво за службено возило е предвиден во ценовник на судот, но без наведен законскиот основ за него и додатно, не е доставен акт за трошоците при увиди на лице место“, предупреди тогаш ДЗР.
Обвинителот до судија на претходна постапка достави предлог за определување на мерки на претпазливост и за двајцата осомничени и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
С. К. ДЕЛЕВСКА



